(коледарска приказна)
Од поголемите деца од улицата на Шуте-Буте беше слушал за доживувањата од одењето рано взори од куќа до куќа и пеењето коледарски песни. Мајка му Стојна и татко му Стојан не беа од оние што одеа в црква и строго внимаваа на верските празници. Дури никоја од озборувачките од улицата не знаеше дали Стојна, мајката на Шуте-Буте, меси колачиња за големиот христијански празник Коледе. Коледарите, пак, плашејќи се од Стојан, кој најчесто пијан се враќаше дома, навечер така и заспиваше, а наутро се будеше мамурен, за време на коледарските обреди ја заобиколуваа куќата на Шуте-Буте. По улицата се ширеа гласови дека коледарите не одат кај Стојан и Стојанка оти се сиромашни и оти немаат што да им пуштат во коледарските торбиња.
И покрај сѐ, кај Шуте-Буте се јавуваше поинакво расположение, особено за одење на Коледе. Тој имаше огромна желба да ѝ се приклучи на коледарската чета, односно рано взори да тргне со нив. Токму тоа го натера да ја замоли мајка си Стојна да го разбуди навреме. Стојна, која имаше изглед на каца за расол, прво не сакаше да си поверува на ушите, но откако Шуте-Буте почна плачливо да ја моли, ја спушти дебелата раката врз бушавата глава и му вети дека ќе го разбуди.
Одењето на Коледе не е бадијала работа, зашто секој од коледарите се враќа дома со полно торбуле. А од насобраното: оравчињата, колачињата, јаболката слатките и што ли уште не, ќе можат да каснат и другите дечиња, си мислеше Стојна додека распостилаше за легнување. Стојан пак се врати пијан. Стојна спушти малечка ленена торбичка покрај перницата на Шуте-буте и тивко му шепна: „Во ова ќе го ставиш она што ќе ти го дадат“.
Утредента кога Шуте-Буте излезе на улицата со лененото торбе прекурамо, од коледарите немаше ниту трага ниту глас. Се врати дома со празно торбуле и плачејќи. Стојна беше виновна. Поради длабокиот сон во кој го виде Шуте-Буте како оди од врата на врата, пее коледарски песни и го полни торбулето, не се разбуди рано. Гледаше со насолзени очи во Шуте-Буте и вината ја префрлаше на децата од улицата.
– Лоши деца, бе, не те зедоа со нив. И сето тоа за да има повеќе за нив. Невоспитани лакомници – му рече на Шуте-буте.
Тој ќе поверуваше во приказната на мајка си ако во времето во кое таа ја префрлаше вината кај коледарите од улицата не се слушнеа распеани детски гласчиња: „Кој спие нека стане/ нека месе колачиња/ колачиња за дечиња/ т’кр-т’кр-т’кр коледеее!“
Шуте-Буте се спушти кон портата, по него и Стојна, не беа побавни и братчињата и сестричките. Стојан веќе одамна беше отишол на работа. Пред портата стоеше малечка дружина од коледари. Кога Шуте-Буте им рече дека е готов да појде со нив, еден од коледарите, најстариот Николче, додаде: „Ова е за тебе. Кога утринава видовме дека те нема, си помисливме дека си се успал, но договорот од вчера дека и ти ќе се приклучиш на коледарската дружина си е договор. Чувствувај се како да си бил со нас. Ова тебе ти припаѓа“, и му го подаде торбулето со коледарските подароци.
Уште еднаш на цел глас ја испеаја коледарската песна и си заминаа. Шуте-Буте остана долго, по нивното заминување, со отворена уста и широко отворено очи да стои на портата. Стојна липаше, додека братчињата и сестричките го делеа, на сите еднакво, она што го имаше во торбулето од ленено платно.
Трајче Кацаров