Пишува: Блаже Миневски
Денес, со своите деведесет и три години, Раиф Диздаревиќ е единствен жив сведок на формирањето и распадот на југословенската федерација. Пред неколку години објави книга мемоари „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“, која веќе е преведена на десетина јазици, а поради ексклузивните материјали објавени во неа, голем број издавачи од регионот и од светот веќе ја објавија во големи тиражи.
Според негова изјава, дадена пред десетина години, тој со децении се изјаснувал како Југословен, но сега се изјаснува како Бошњак, иако понекогаш други го сметале и за Хрват.
– Во една пригода требало да се пополнат некакви формулари и еден мој пријател го пополнил мојот. Кога дошол до графата за национално припадност прашал дали може да напише „муслиман“. Бидејќи не можело – напишал дека сум Хрват со оглед на тоа што населението во Фојница и околината е мнозинско хрватско – вели Раиф Диздаревиќ.
Кој го активирал планот
„Зенит“ пред смртта
на Тито?
Во своите спомени „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“, Диздаревиќ, сеќавајќи се на тоа време, меѓу другото пишува: „Хамдија Поздерац, еден од членовите на Претседателството на ЦК на СКЈ и на Координативното тело, во кое членуваа сите челни луѓе на државните и политички органи на Федерацијата, детално нѐ информира дека во ЦК веќе се разговарало за евентуалниот погреб на Тито ако набргу дојде до најлошото, до смрт. Отворањето вакви теми беше, се разбира, мачно; тешко им паѓаше на учесниците во разговорот. Но моравме пред себе да ги имаме сите варијанти за конечниот исход на агонијата на Тито во љубљанскиот Клинички центар.
Значи, на состанокот на Координативното тело на Федерација, по информацијата на Хамдија Поздерац, генералот Никола Љубичиќ, сојузен министер за одбрана, пренесе еден свој поранешен разговор со Тито, во кој, според Љубичиќ, Тито зборувал за местото на својот погреб. Би сакал, рекол, да биде погребан на Сутјеска, легендарно место во Босна, каде што во 1943 година партизаните под негова команда ја добиле познатата ’битка за опстанок’ и се ослободиле од стравотниот обрач од страна на Германците, Италијанците и домашните усташки и четнички квислинзи. Пoтоа Тито го спомнал своето родно место Кумровец, во Хрватска, а дури на крајот и Белград. Кога го спомнал Белград, подвлече генерал Љубичиќ, ’стариот’ бил категоричен тоа место никако да не биде познатиот и ексклузивен белградски парк Калемегдан, каде што се гробниците на неколку великани од минатото, туку својот гроб во Белград единствено можел да го замисли во цветната градина во Ужичка улица, во белградската населба Дедиње, каде што живееше и работеше од 1945 година. Истото на седницата го посведочи и Стефан Дороњски. Се потсети на еден сличен разговор, кога Тито, зборувајќи за својот погреб, ги спомнал родниот Кумровец, Белград или Загреб. Во секој случај, веднаш по извештајот на генерал Фрањо Херљевиќ, сојузен министер за внатрешни работи, а по одлука на Претседателството, беше активиран планот ’Зенит’, со сите мерки за будност и безбедност во случај на смрт на Тито. Планот утврдуваше мерки и активности во случај на вонредни околности во земјата. Беше предвидена полна мобилност на таканаречените комитети за општонародна одбрана и општествена самозаштита. Во сите републики, веднаш по состанокот во Белград на четврти јануари 1980 година, беа одржани заеднички седници на републичките Претседателства и на Претседателствата на Сојузот на комунистите. Во Босна и Херцеговина, на пример, беа изнесени процени дека земјата влегува во сложен, можеби и најсложен период по Втората светска војна. Посебно беше посочена можноста од дејствување на разни деструктивни и непријателски организации и поединци, пред сѐ оние инсталирани во странство. Донесена е одлука во сите општини да се пристапи кон ’уигрување на станиците на резервната милиција‘ како фактор на општествена самоодбрана со ажурирање на плановите за таканаречена кризна состојба“, пишува Раиф Диздаревиќ во своите спомени „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“, додавајќи дека пред смртта на Тито власта веќе со месеци дејствувала како во кризна состојба без да има надворешни, видливи знаци за тоа: „Сѐ беше насочено кон полна заштита на поредокот во услови за можна ескалација на болеста на Тито. Притоа инсистиравме да се обезбеди континуиранo функционирање на сите сојузни државни и политички инстанци, односно бевме подготвени да се спротивставиме на секоја евентуална тенденција за наметнување расправи за она што доаѓа ’после’. Сакавме Југославија да биде сигурна и организирана како ’Титово дело’ дури и во услови на здравствена агонија на нејзиниот неоспорен лидер, земја што ќе зрачи зрелост, кохезија и светла иднина. Подоцнежните настани за жал го доведоа под прашање сето тоа што сакавме да го зачуваме како аманет на Тито.“
Каде завршија шифрите на Тито однесени од Клиничкиот центар во Љубљана?
Според спомените на Диздаревиќ, на заедничките тајни седници на Претседателството на СФРЈ и на Претседателството на СКЈ биле разгледувани сите предлози за местата за погреб, кои Тито порано, во разни поводи и интимни доверливи исповеди, ги спомнувал пред сведоци: „Сите учесници во овие по малку морбидни расправи стоеја на ставот дека околу местото за погреб не треба и не смее да има какви било дилеми или разлики. Никола Љубичиќ и Милка Планинц, зборувајќи за тоа, ги потсетуваа преостанатите на поранешните зборови на Тито дека и по смртта сака да биде фактор на југословенското единство. Затоа беше одлучено, без двоумење, токму Белград да биде симболот на таа Титова желба. Куќата на цвеќето во Ужичка, или градината на розите, како што ја нарекуваа, треба да биде местото каде што ќе биде погребан Тито.
Сепак и над оваа одлука лебдеше мистерија во врска со евентуалниот Титов тестамент, кој можеби би зборувал за нешто друго – за некоја друга желба или сугестија. Всушност уште од почетокот на болеста никој со сигурност не знаеше дали навистина постои некаква Титова порака. Прашањето на неговата последна желба и тестамент остана одредено време како мистерија да виси над сите нас во политичкиот врв на државата. Затоа, но и поради чување на Титовата документација и архива, беше заклучено државното Претседателство да донесе одлука веднаш да се запечатат сите каси, кои ги користеше претседателот на Републиката. Клучевите и шифрите беа кај Тито. Во меѓувреме беше одлучено веднаш да се утврди и реализира планот за заштита на резиденциите во кои Тито престојуваше, а пристап можеше да имаат само вработените. Не помала мистерија беше и чантата што претседателот секогаш ја носеше со себе. И во Клиничкиот центар во Љубљана таа чанта постојано беше до неговата постела“, пишува Раиф Диздаревиќ во своите спомени посветени на периодот од смртта на Тито до распадот на југословенската федерација.
Во книгата „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“, Диздаревиќ пренесува дел од еден индикативен разговор со Борисав Јовиќ и Петар Грачанин, кои барале разговор со него како претседател на Претседателството на СФРЈ за време на демонстрациите во Косово: „Тогаш Бора Јовиќ изнесе оцена или тврдење дека настаните на Косово се поттикнати од страна на косовското раководство. Спомна дека од тоа раководство е упатен некаков телекс до сите општини и дека на тој телекс позитивно одговориле околу дваесет општини, а притоa не ни беше кажано што е содржината на тој телекс. Јовиќ очигледно имаше заборавено дека косовското раководство не е само албанско, односно дека во косовското раководство беа и Срби и Црногорци. Процените од Србија беа секогаш екстремни кога стануваше збор за состојбата на Косово. Генерал Грачанин на седница на Претседателството на СФРЈ ни пренесе дека тој и Јовиќ веќе имале состанок со државниот врв на Србија претходната вечер. Тој ни го соопшти тоа на 20 ноември и рече дека нивната оцена за демонстрациите на Косово е всушност контрареволуција почната пред близу десет години и која сѐ уште трае. И на седницата на сојузното партиско претседателство, на која се расправаше за демонстрациите на Косово, Јовиќ, кој беше присутен во име на српското раководство, ја повтори нивната оцена дека целата состојба за нив е контрареволуција, која во континуитет трае од 1981 година. Според нив, народот е изманипулиран против Сојузот на комунистите, па затоа го постави прашањето дали на Косово постои власт што се бори против контрареволуцијата или власта го организира тоа што се случува на Косово. Всушност, ваквите процени од Србија секогаш го радикализираа и го подгреваа национализмот, а едниот национализам секогаш го храни другиот национализам“, подвлекува Диздаревиќ во своите записи „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“.
Лазар Мојсов на свадбата на ќерката на Че Гевара!
Босанецот Раиф Диздаревиќ, министер за надворешни работи, а потоа и претседател на Претседателството во годината пред распадот на Југославија, двете високи сојузни функции ги наследил од Лазар Мојсов. Во своите спомени пишува дека при една заедничка посета со Лазар Мојсов на Куба, а по покана од Кастро, присуствувале на венчавката на ќерката на Че Гевара: „Бевме во Хавана и, крајот на еден прием, Кастро ни вели: ’Се мажи ќерката на Че. Мило ќе ми биде ако дојдете со мене’. Седнавме во автомобилот, со нас беше и писателот Маркес, и низ некакви сокаци стигнавме на периферијата на градот, во мала, скромна куќичка, полна со млади луѓе. Сите го чекаа Фидел. И сите му се обраќаа како на свој човек, како на домаќин. По извесно време дојде матичарот; Кастро се потпиша прв, а потоа побара на документот за венчавање како сведок да се потпише и Лазар Мојсов. И Лазар се потпиша“.
Во акт-чантата на Тито имало пиштол, клучеви и лични документи!
Во книгата има сведоштво од разговор со Бранко Микулиќ каде што Раиф Диздаревиќ прашува што има во фамозната чанта од која Тито никогаш не се одвојувал. Микулиќ лаконски му одговара: „Ништо посебно“. Подоцна Диздаревиќ сепак дознава дека во мистериозната чанта имало некакви клучеви и револвер: „Како и сите мистерии и оваа за фамозната чанта на Тито предизвикуваше љубопитност кај многумина. Нагаѓањата беа различни. Меѓу другото дека во неа можеби се чува неговиот тестамент. Шефот на кабинетот на Тито, Бранислав Бадурина, како што тврдеше Бранко Микулиќ, признал дека во чантата имало револвер, некои лекови и дека не е сигурен дали имало и уште нешто. Претпоставувал дека во неа се и клучевите од сефот во кабинетот на претседателот. Во својот кабинет на Дедиње тој дел од документите ги чуваше во релативно малиот сеф, додека многу досиеја и документи се наоѓаа во големиот регал и на бирото. Меѓу тие документи се наоѓаше и акт-чантата во која, според некои подоцнежни изјави, Тито го чувал изводот од венчаните со Јованка Будисављевиќ од април 1952 година, некрологот по повод смртта на Даворјанка Пауновиќ, од први мај 1946 година, како и фотокопија на својата ’посмртница’, всушност дневниот извештај на австроунгарското воено министерство од есента 1915 во кое се наоѓа список на загинати и исчезнати австроунгарски борци за време на Галициската битка, меѓу кои се наоѓа и името на Броз (Фрањо) Јосип. Во една од преградите имало и убава фотографија на Пелагија Белоусова, првата сопруга на Тито, веројатно снимена во Бјеловар во дваесеттите години на дваесеттиот век.“
Случајност или принцип: Диздаревиќ постојано го наследуваше Мојсов во врвот на СФРЈ!
Босанскиот политичар Раиф Диздаревиќ е роден во Фојница во декември 1926 година и како момче од седумнаесет години се активира во НОБ, а потоа станува политичар што стигнал до врвните функции во Босна и Херцеговина и СФРЈ. Веднаш по војната работел во ОЗНА, а од 1951 влегува во дипломатската служба на федерацијата. Во почеток работел во амбасадите во Бугарија, во СССР и во Чехословачка, а во 1972 година е назначен за помошник на сојузниот секретар за надворешни работи, Милош Миниќ. Шест години подоцна Диздаревиќ веќе е претседател на Претседателството СР БиХ, а потоа претседател на Сојузното собрание во Белград. Во 1984 г. го наследува Лазар Мојсов на функцијата сојузен секретар за надворешни работи и на таа функција останува до 1987 година кога е избран за член на Претседателството на СФРЈ. За време на својот мандат во Претседателството повторно го наследува Лазар Мојсов, па од 15 мај 1988 до 15 мај 1989 година ја извршува функцијата претседател на Претседателството на СФРЈ. Во тој период Раиф Диздаревиќ е сведок на најдраматичните настани поврзани со болеста и смртта на Тито, но и со почетокот на распаѓањето на Југославија.