Полицијата во Велс, Велика Британија, искористила делумни отпечатоци од прсти од фотографија испратена на апликацијата „Ватсап“ и со тоа подготви обвиненија за криминалци поврзани со шверц на дрога. Ова е првпат да се искористи оваа технологија и тоа преку фотографија на која обвинетиот во својата рака држи ќесе со екстази и на истата таа делумно се гледа неговата рака. „Револуционерната“ техника предизвика многу внимание во британските медиуми и стави до знаење дека таа има огромен потенцијал за користење докази најдени на мобилните телефони на осомничените.

Кога станува збор за конкретниот случај, на фотографијата што е искористена за да се пронајдат овие криминалци има рака во која се гледа ќесе со најразлични видови екстрази, а таа е пронајдена додека се проверувал телефонот на осомничениот откако тој бил уапсен. Во телефонот исто така биле пронајдени и најразлични СМС и пораки на апликацијата „Ватсап“ , кои индицирале на тоа дека осомничениот бил вклучен во најразлично препродавање и дистрибуирање дрога. На фотографијата се гледа само дел од неговиот прст, но тоа било доволно да се потврди неговата поврзаност. Наоѓањето на овој човек помогнало да се разбие поголема дилерска мрежа во Велс. Шефот на полицијата во Јужен Велс, Дејв Томас, вели дека тука е искористена старомодната техника на препознавање преку отпечатоци од прсти, само што во овој случај отпечатокот бил на фотографија, а не на некоја површина или подлога. Тој за медиумите во В. Британија истакна и дека огромниот број докази на запленетиот телефон помогнале многу за истрагата.

Полицијата во Велс исто така изјави дека преку разбивањето на мрежата успеале да лоцираат и околу 23.000 евра во биткоини на сметките на дилерите, уште еден преседан за полицијата во оваа земја. Властите во Јужен Велс веруваат дека ова е прв случај во кој човек се идентификува преку отпечаток од фотографија и принципот покажува потенцијал за понатамошно развивање на оваа техника. Шефот на полицијата, Томас, истакна дека 80 отсто од луѓето сега користат мобилни телефони и преку нив може да се стигне до огромен број информации за нив. – Ова се достигнувања на дигиталниот свет и новото време и се појавуваат многу нови случаи за кои треба да се најдат одговори, па така ние сакаме како полиција да бидеме во тек со технологијата и да можеме да ги користиме сите нејзини предности – завршува Томас.

Кога станува збор за апликацијата „Ватсап“ , таа е позната по својата безбедност и енкриптираните пораки, и компанијата што е во сопственост на Фејсбук напорно работеше да ги увери корисниците дека тие се заштитени од каков било вид јавно објавување информации, особено со последните проблеми со безбедноста со кои се соочуваше компанијата на Марк Закерберг. И додека до енкриптираните пораки и фотографи тешко се стигнува преку системите на Интернет, до нив многу полесно се стигнува доколку полицијата ги заплени телефоните што примале и праќале пораки и фотографии со инкриминирачки содржини. Во овој конкретен случај, телефонот на кој е пронајдена фотографијата преку која се уапсени и пронајдени дилерите е најден во рација во август 2017 година, кога се пронајдени и големи количества кокаин и марихуана. Фотографијата преку која е најден отпечатокот на прстот на осомничениот се користела за продажба на дрога на „Ватсап“ . Патем, уште една платформа во сопственост на Фејсбук, Инстаграм, неодамна забрани објавување хаштагови во кои се промовира користење дрога. 


Со технологија за препознавање лица идентификувале бегалец на преполн концерт

Криминалците ја користат технологијата за полесно да ги избегнат законите, па затоа мора да се биде во тек со технолошки напредните принципи на однесување на криминалците. Доказ за тоа е случај во Кина, кога полицијата уапсила бегалец во југоисточниот дел на оваа држава со помош на технологија за препознавање лица, која го издвоила човекот од маса од 50 илјади луѓе на поп-концерт. Триесетгодишниот бегалец бил баран поради финансиски проневери, а на настапот на поп-ѕвездата Џеки Ченг тој заминал со сопругата и со пријателите мислејќи дека е безбеден во преполната сала. Тој изјавил дека никогаш не би дошол на концерт доколку знаел дека има шанса да го препознаат. – Имаше престрашен израз на лицето – рекол полицаецот што учествувал во апсењето на бегалецот. Кина води во имплементацијата на технологијата за препознавање лица за различни употреби, вклучувајќи го и спроведувањето на законот. Минатата година Си-ен-ен пренесе вест за паркот во Пекинг во кој имало инсталирано технологија за препознавање лица, за властите да се борат против неконтролираното трошење тоалетна хартија. Едно лице може да употреби само одредено количество хартија, а во случај да му треба повеќе мора да почека девет минути.