Секоја година нови бои се тренд во светот на ентериерот. Во споредба со 2018 година оваа сезона преовладуваат малку поинетнзивни нијанси како што се сивата, сината и зелената, а особено се истакнува коралната нијанса, која „Пантоне“ ја прогласи за боја на 2019 година. Според истражувањата, пак, на „Пинтересту“ како најпопуларни за оваа година се истакнале сенф-жолтата боја и геометриските мотиви.
Со вакви различни предвидувања тешко е да се издвои само една нијанса како доминантна во тековната година, затоа најдобро е времето да покаже која е бојата што ќе преовладува во нашите домови годинава.
Врз база на сликите објавени на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук во изминатите три месеци од годинава, може да се забележи дека темните бои на ѕидовите преовладуваат како водечки тренд во моментов. Исто така се забележува дека повеќето од луѓето се одлучиле за боење само на еден од ѕидовите.
Иако следењето на трендовите во светот не е едноставна работа, бидејќи бара големи вложувања, сепак во поголемиот дел од случаите доволни се само мали корекции како фарбање на еден ѕид или замена на украсите и детали што ќе го збогатат просторот.
Елегантна зелена за во кујната
Рустикалните кујни во нежна зелена боја стануваат сè попопуларни како дизајнерско решение. Со комбинација на детали во сива и сина нијанса на бои, тие вистински изгледаат уникатно и несекојдневно.
Темни ѕидови во спалната соба
Иако црната боја никогаш не би ви паднала на памет како решение за спалната соба, овој тренд станува сѐ попопуларен меѓу експертите за ентериер, кои тврдат дека еден црн ѕид во спалната соба може да направи таа да изгледа величествено.
Богати нијанси на сина и зелена
Ако обрнете внимание на објавените слики на Инстаграм и Фејсбук ќе забележите дека сините и зелените нијанси ги има насекаде. Било да станува збор за боја на ѕидовите или, пак, за некои помали детали како кревети, перници, завеси и слично. Тие во секој простор внесуваат посебна доза шарм и елеганција.
Нежни розови нијанси
Трендот на нежни пастелни розови нијанси во ентериерот се појави во 2018 година, а вљубениците во таа боја со воодушевување го прифатија. Иако во помала мера, тој тренд продолжува и оваа година, но во комбинација со некои потемни нијанси. Нежните розови нијанси се мошне неутрални и изгледаат убаво во секој простор.
Оптимистичка жолта и портокалова
Предвидувањата зборуваат дека оваа година ќе видиме пораст на јаки нијанси во ентериерот и тоа оние што се поврзуваат со оптимизмот како жолтата или портокаловата. Нешто поблага варијанта е сенф-жолтата, која одлично изгледа во просториите со бохо-стил.
Портокаловата е топла, страсна и ведра боја, која потсетува на огнот и сонцето. Таа е боја што стимулира и возбудува. Портокаловата инспирира чувство на забава, радост, благосостојба, ја зајакнува волјата и прави да бидеме потолерантни спрема другите.
Поради топлината и удобноста со која зрачи, дневната соба одлично ќе изгледа во портокалова боја. Можете во домот да внесете портокалов мебел или, пак, едноставно да ставите некои интересни портокалови детали како перници, ламби, комоди и сл.