Младата Русинка Марија Бутина се товари дека се обидувала да се инфилтрира во Националната асоцијација за оружје (НРА), за да влијае на Републиканската партија и самата американска влада
Апсењето на младата руска државјанка Марија Бутина во Вашингтон отвора нов фронт во борбата против мешањето на Русија во американската политика. Бутина (29) неодамна беше приведена, а во понеделникот беше обвинета дека е тајна агентка на Кремљ. Таа се товари дека се обидувала да се инфилтрира во Националната асоцијација за оружје (НРА), за да влијае на Републиканската партија и самата американска влада. Бутина, според истрагата на ФБИ, сакала да развие тајни канали за комуникација со американските политичари, кои имаат пристап до власта, за да ја спроведат агендата на Русија, пишува „Гардијан“.
Бутина, според британскиот весник, ги отфрли таквите обвинувања. Нејзиниот адвокат Роберт Дрискол изјави дека таа е легитимна студентка на колеџ и надежна деловна жена.
– Таа има намера жестоко да ги брани своите права и едвај чека да си го исчисти името – истакна Дрискол.
Обвинувањата против младата Русинка отвораат нов фронт во напорите на Министерството за правда за спречување на руското нарушување на американската политика и сигнал дека американските соработници на Бутина може да бидат сериозно загрозени. Обвинувањата исто така се закануваат да ја завршат кратката авантура на Бутина со петгодишна затворска казна.
Додека полека се искачувала кон највисоките конзервативни кругови во САД, Бутина имала едноставна и убедлива приказна – работела на основање руски еквивалент на НРА. Според американското обвинителство, таа неколку години работела на развивање односи со републикански оперативци, активисти за носење оружје и религиозни лидери. Бутина дури и се фотографирала со републикански претседателски кандидати и помогнала во носењето на претставници на НРА во Москва.
Бутина тврди дека е порасната во Сибир, каде што нејзиниот татко ја запознал со оружјето и ја научил да пука. И навистина, таа била многу смирена и искусна со оружјето околу неа. Младата Русинка, според истрагата, во 2011 година ја формира организацијата „Право да носиш оружје“, која требало да биде руски пандан на НРА. Во активностите на организацијата е вклучен и Александар Торшин, нејзиниот долгогодишен ментор. Торшин, висок функционер во руската централна банка, сега е обвинет од американското обвинителство дека раководел со операциите на Бутина.
Интересно е тоа што уште од самиот почеток на нејзините активности, Бутина интензивно работи на одржување на американските контакти. Во 2013 година Џон Болтон, кој сега е советник за национална безбедност на претседателот Трамп, се појавил на пропагандно видео на руски активисти за оружје, кое организацијата „Право да носиш оружје“ го користела за лобирање во Русија. Потоа во 2014 година, Бутина учествува на конвенцијата на НРА во Индијанаполис. На социјалните мрежи таа објавила фотографии од нејзе во друштво со потпретседателот на НРА, Вејн Лапјер, како и со влијателни републиканци, меѓу кои и Боби Џиндал, тогашниот гувернер на Луизијана, и Рик Санторум, поранешен сенатор и претседателски кандидат.
Во е-порака од март 2015 година, испратена до конзервативен политичар и ветеран на НРА, таа напишала дека Републиканската партија најверојатно ќе ја добие контролата врз американската влада по изборите во 2016 година. Тоа, според „Гардијан“, го поставува очигледното прашање – што ја убедило Бутина дека републиканците ќе победат на избори што се оддалечени 20 месеци, и тоа во период кога анкетите сигнализираа предност на Хилари Клинтон во однос на нејзините потенцијални републикански кандидати.
Интересно е и тоа што во своите пораки, Бутина посебно го истакнува централното место и влијанието на НРА врз воинствените републиканци. На конвенцијата на НРА во 2015 година во Нешвил, Тенеси, таа и Торшин разговарале со Скот Вокер, гувернерот на Висконсин. Во јули, Бутина присуствувала на официјалниот почеток на претседателската кампања на Вокер. Подоцна истата година, организацијата на Бутина платила за патувањето на сојузници на НРА во Москва, кое вклучувало скапи вечери и средба со Дмитриј Рогозин, рускиот вицепремиер. Помеѓу нејзините гости биле и Дејвид Кларк, поранешен шериф од Милвоки, кој подоцна ќе ја поддржи кампањата на Трамп, и Дејвид Кин, бивш претседател на НРА.
Како што сѐ повеќе се интензивирала претседателската кампања во 2016 година и сѐ поочигледна била победата на Трамп на внатрепартиските избори кај републиканците, Бутина ги засилува напорите и активностите да обезбеди пристап до Трамп и неговиот круг. Во текот на наредните месеци, Бутина и Торшин преземаат сериозни напори за организирање серија пријателски вечери во Вашингтон и во Њујорк. Преку американски посредници, тие се обиделе да пристапат до високи членови на изборниот тим на Трамп, а во мај 2016 година и со самиот претседателски кандидат. Но, наместо Трамп, тие морале да се задоволат со средба со неговиот син Доналд Џуниор, со кого Торшин се сретнал во текот на конвенцијата на НРА во Лузвил.
Според ФБИ, на 4 октомври 2016 година, само на еден месец од претседателските избори, еден од соработниците на Бутина испратил порака до познаник дека бил вклучен во „обезбедувањето на многу приватна линија за комуникација помеѓу Кремљ и републиканските лидери“. Наредниот ден, Бутина и Торшин размениле серија приватни пораки на Твитер за нивните напори. Кога Торшин прашал за статусот на Друштвото за пријателство Русија – САД, Бутина одговорила дека и во двете земји сѐ уште „работат под земја“ и сигнализирала потреба за избегнување публицитет.