Најновите истражувања покажуваат дека 12,5 милиони Европејци во 1998 година живееле во земја со барем еден популистички министер, додека, пак, во 2018 година, бројот е повеќе од десет пати поголем, односно 170,2 милиони
Популистичките партии уживаат голем подем во Европа, тројно зголемувајќи ја поддршката од гласачите во изминатите 20 години. Па, така, според истражувањата, една четвртина од Европејците ги поддржале популистичките партии на последните национални избори. Зголемената популарност на овие партии им овозможи нивните лидери да бидат дел од владите во дури 11 европски земји, зголемувајќи го предизвикот за постојниот политички поредок на континентот, наведува „Гардијан“.
Резултатите од истражувањето на успехот на популистичките партии во 31 европска земја, во изминатите две децении, покажуваат дека популизмот е во постојан подем. Па, така, во 1998 година, популистичките партии беа маргинална политичка сила, освојувајќи околу седум отсто од гласовите на изборите низ Европа, а годинава, поддршката се искачи на 25 проценти од гласачите.
– До неодамна популизмот беше феномен на политичките маргини. Денеска сѐ повеќе станува главна сила, а неодамнешните значајни политички настани, како референдумот за брегзит и изборот на Доналд Трамп, не може да се разберат без да се земе предвид порастот на популизмот. Почвата на популизмот станува поплодна, а популистичките партии се уште поспособни да ги собираат плодовите – истакнува Матијс Родуин, професор од Универзитетот во Амстердам, кој беше на чело од тимот од над 30 експерти, кои го спроведуваа истражувањето за европските популистички партии.
Поддржувачите на популизмот тврдат дека тој ги застапува интересите на обичните луѓе наспроти личните интереси, и затоа е витален за секоја демократија. Од друга страна, критичарите истакнуваат дека популистите што се на власт честопати не ги почитуваат демократските норми, преку поткопување на медиумите и судството или со кршење на правата на малцинствата. Истражувањето укажува на различни судбини на десничарските популисти, како Виктор Орбан и Матео Салвини, кои најголемиот успех го имаа во изминатите години, и левичарските популистички партии, кои значително се проширија по финансиската криза, но не успеаја да влезат во ниту една влада, освен во Грција.
Популизмот во Европа потекнува од пред неколку децении – австриската десничарска Партија на слободата беше основана во 1956 година од поранешен нацист, а првпат освои над 20 отсто од гласовите на изборите во 1994 година. Партијата е дел и од актуелната владејачка коалиција во Австрија. Популистичките партии остварија успех и во Норвешка, Швајцарија и Италија во 1990-тите. Но дури по почетокот на новиот милениум, популистичките идеи, противници и предизвикувачи, почнаа да се појавуваат од Холандија до Франција, и од Унгарија до Полска. Оттогаш во подем е популизмот против естаблишментот, а посебно по финансискиот крах од 2008 година и бегалската криза во Европа во 2015 година. Партијата СИРИЗА освои 27, па 36 отсто од гласовите на изборите во Грција, а британската УКИП ја доведе Британија до референдумот за брегзит, додека, пак, Марин Ле Пен стана втор член од нејзиното семејство што стигнал до вториот круг од претседателските избори во Франција, освојувајќи 33 проценти од гласовите.
Од друга страна, антиимигрантската Алтернатива за Германија стана првата екстремно десничарска партија, која успеа да има пратеници во парламентите на сите сојузни држави, додека во Бундестагот има над 90 пратеници. Истовремено, десничарската Лига и движењето Пет ѕвезди во Италија освоија речиси 50 отсто од гласовите, а унгарската партија Фидеш ја доби поддршката на 49 проценти од гласачите.
Истражувањето покажува дека левичарските популисти, кои во Европа се помалку успешни од нивните конзервативни ривали, почнаа да го зголемуваат својот удел на изборите, овозможувајќи им подем на предизвикувачките партии како Подемос во Шпанија и француската Франс инсумис.
– Има три причини за големиот подем на популизмот во Европа. Големата рецесија, која создаде неколку силни левичарски популистички партии на југот, бегалската криза, која беше катализатор за десничарските популисти, и трансформацијата на непопулистичките партии во популистички, како што се Фидеш и полската право и правда – оценува Кас Муд, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Џорџија.
Истовремено, Клаудија Алварес, професорка на лисабонскиот универзитет „Лусофона“, истакнува дека социјалните медиуми исто така имаа улога во подемот на популизмот.
– Гневот што популистичките политичари успеваат да го канализираат е засилен од пораките на социјалните медиуми, бидејќи социјалните медиуми многу се порозни на лесното ширење на емоциите. Крајниот резултат е поларизација на политичкиот и на новинарскиот дискурс – додава Алварес.
Истражувањето покажува дека 12,5 милиони Европејци во 1998 година живееле во земја со барем еден популистички министер, додека, пак, во 2018 година, бројот е повеќе од десет пати поголем, односно 170,2 милиони.