Репрезентацијата на Аргетина

ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (1)

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

Аргентина беше домаќин на првото Светско првенство (СП) во кошарка во далечната 1950 година, а домаќин беше главниот град Буенос Аирес. На шампионатот настапија 10 репрезентации од четири континенти, најмногу, пет, од Јужна Америка (Аргентина, Бразил, Перу, Чиле и Еквадор), Северна Америка ја претставуваа САД, Африка, Египет, додека од Европа беа Југославија, Франција и Шпанија. На тоа СП, требало да настапи и Уругвај, но на крајот го откажал учеството.

Системот на натпреварување бил во две прелиминарни фази, а пласман во втората фаза обезбедиле Аргентина, Бразил, САД, Франција, Шпанија и Чиле. Бидејќи во завршната фаза играле шест репрезентации, натаму минале победниците од четирите меча во втората прелиминарна фаза, додека за другите две места постоел репасаж.

Во финалната група се водела голема борба, а предничеле Аргентина и САД. Франција тука целосно потфрлила, додека Египет, Чиле и Бразил се бореле за третата позиција.

До претпоследното коло не се знаело кој ќе биде првиот шампион, а за тоа решавал дуелот Аргентина – САД. Аргентинците биле подобри во тој меч, на полувремето имале предност од 10 поени, а на крајот предноста ја зголемиле за плус четири коша (64-50). Најдобар во шампионскиот табор бил Оскар Фурлонг со 20, а кај Американците, Џон Станиќ со 11 поени.

Мошне неизвесен бил мечот за бронзениот медал. На крајот со ист скор (2-3 победи и порази) завршиле Чиле, Бразил и Египет, па за медалот решавала меѓусебната кош-разлика. Чиле го победил Бразил со 51-40, Бразил бил поуспешен од Египет, 39-19, а Чиле, пак, загубил од Египет со 40-43. На крајот Чиле и Бразил имале позитива од осум коша, но Чиле завршил како трет, оти имал повеќе дадени коша.

Во најдобрата петорка на СП биле избрани Аргентинците Фурлонг и Рикардо Гонзалес, Американецот Станиќ, Чилеанецот Руфино Бернедо и Шпанецот Алваро Салвадорес. За најкорисен кошаркар (МВП) бил прогласен Аргентинецот Фурлонг (почина минатата година во 91-та година од животот, н.з.), додека најдобар стрелец бил Салвадорес, со просек од 13 поени по натпревар.

Оскар Фурлонг

Финална табела

1. Аргентина 6-0
2. САД 5-1
3. Чиле 4-4
4. Бразил 3-3
5. Египет 4-3
6. Франција 2-6
7. Перу 2-4
8. Еквадор 2-3
9. Шпанија 1-4
10. Југославија 0-5