Тоа намалување нема да претставува закана за рибниот фонд во езерото, оти длабочината на оваа акумулација од над 50 метри придонесува кислородот на водата да го има во оптимални количества, што, пак, е од витално значење за животот на рибниот фонд пред првите есенски дождови, кои се очекува да паднат наскоро, вели Мире Ночески, спортски риболовец

Сушата што е присутна во земјава повеќе од два месеца придонесе нивото на реките значително да опадне, а периодот речиси без врнежи од дожд да се почувствува и врз сите езерски акумулации во земјава. Во тој поглед не е исклучок ниту Осломејско Езеро, чие ниво летово е опаднато за повеќе од метар.
– И покрај константниот водостој на Осломејско Езеро во минатото, предизвикан од неколкуте силни подземни извори, сепак долготрајната суша без врнежи од дожд повеќе од два месеца се одрази и врз водостојот на оваа езерска акумулација. Последните мерења потврдуваат дека нивото на езерото е пониско за повеќе од метар, споредено со водостојот од мај и јуни. Ако продолжи сушниот период и во наредните месеци, може да се очекува понатамошно мало опаѓање на водостојот на ова езеро. Но и тоа намалување нема да претставува закана за рибниот фонд во езерото, оти длабочината на оваа акумулација од над 50 метри придонесува кислородот на водата да го има во оптимални количества, што, пак, е од витално значење за животот на рибниот фонд пред првите есенски дождови, кои се очекува да паднат наскоро – вели Мире Ночески, спортски риболовец и еден од иницијаторите за преуредување на езерското крајбрежје.
Од здружението за заштита на оваа акумулација и крајбрежјето се разочарани од неодговорното однесување на некои од посетителите, кои целокупниот смет што го направиле при престојот тука го оставиле на самото место.

– И покрај нашите апели и поставените плакати, на кои јасно е напишано дека ѓубрето што се прави крај езерото треба да се собира и да се одлага во предвидениот простор, сепак група риболовци и посетители како да се оглушуваат од овој наш апел, па често можат да се забележат поголеми количества најлони, пластични шишиња и хартија што ги оставаат расфрлани на брегот, што, пак, ни создава дополнителни грижи и проблеми и со тоа го нарушува нашиот сон за езеро без диви депонии – додава Бесмир Елези, еден од поборниците за чисто езерско крајбрежје. З.А.


Болест кај дивите животни и мерки на претпазливост

Уништувањето на невакцинираните и нерегистрирани кучиња и мачки скитници, лисици, волци и други шумски ѕверки е правило и обврска за сите ловџии, а не тоа да се сведува само на ловочуварска служба или на ловџии поединци

Најпозната болест кај дивите животни секако е беснилото, а најчест преносител на овој опасен вирус е лисицата. Лисицата речиси претставува и резервоар на овој опасен вирус, кој е опасен по животот на човекот, односно ловџијата. Притоа, заразената единка го менува својот животински карактер, во почетокот се однесува питомо, но истовремено и подмолно напаѓа и каса. Лисицата често се случува да се разболи и од паразитски болести, како што се трихинелозата, ахинококусот и шугата. Волкот може да се разболи речиси од истите болести како и лисицата. Мечката може да боледува од беснило и од трихинелоза, а јазовецот исто така од трихинелоза.
Тоа, пак, наведува на заклучокот дека ловџиите треба да бидат мошне претпазливи при ловот, кога всушност и доаѓаат во непосреден контакт со овие опасни диви животни.
Токму затоа и постојат задолжителни мерки на заштита при ловот.
Секој ловџија е должен преку ловечкото друштво каде што членува или, пак, поединечно да го пријави секој сомнителен случај на заболено диво животно во најблиската ветеринарна инспекција или ветеринарна станица.
За секое умрено диво животно мора да се констатира причината за неговата смрт во шумата и притоа да се применуваат потребните мерки на безбедност. Понатаму, ловџиите, а по наредба на инспекцијата задолжена за тоа, да го отстранат од ловиштето заразеното животно, а под стручен надзор да врши закопување, дезинфекција, дезинсекција на заболеното животно, но и на местото каде што е тоа пронајдено.
Уништувањето на невакцинираните и нерегистрирани кучиња и мачки скитници, лисици, волци и други шумски ѕверки е правило и обврска за сите ловџии, а не тоа да се сведува само на ловочуварска служба или на ловџии поединци.
Токму затоа и ловечките друштва треба да донесат свои планови и програми во кои ќе бидат наведени и задолжителните мерки на заштита од евентуална појава на зараза во ловиштата. Ловџиите од своја страна, пак, се должни да го вакцинираат своето куче од беснило. Г.И.