Ексклузивно за „Нова Македонија“ – интервју со Сајмон Кинберг
Сајмон Кинберг е сценарист, продуцент и режисер на „Мрачниот феникс“, најновиот филм од франшизата за „Екс-мен“. Автор е и на сценариото за филмовите „Господин и госпоѓа Смит“ и „Шерлок Холмс“, а беше продуцент на филмовите „Дедпул“, „Марсовецот“ и „Логан“. Во серијалот за „Екс-мен“ беше продуцент уште од „Прва класа“, а го напиша сценариото за „Денови на идното минато“ и „Апокалипса“. Покрај многуте обврски, за најновиот филм ја презеде режисерската палка, навраќајќи се на приказната за „Екс-мен“, која ја започна во „Последната битка“ од 2006 година.
Што најмногу ве привлече во сагата „Мрачниот феникс“?
– Секогаш ми бил омилен стрип во историјата на „Екс-мен“, поточно од сите стрипови. Имав неверојатна шанса да пишувам сценарија и да продуцирам филмови за оваа франшиза, но мојата крајна цел како раскажувач секогаш била еден ден да ја заземам режисерската улога. Ако знаев дека некогаш ќе добијам шанса да режирам филм по стрип, тоа дефинитивно ќе беше „Мрачниот феникс“. Приказната почнав да ја градам многу верно на оригиналниот стрип, што е многу поразлично од она што досега е направено и ја следев мојата замисла, поточно интуицијата. Фокусот на вниманието е на ликовите, особено на трансформацијата на Џин. Мораше да има рамнотежа и да биде реален, а од друга страна да се запази научната фантастика, бидејќи се работи за космичка сила што влегува во неа и се појавуваат вонземјани и интергалактички елементи. Филмот прикажува како се чувствува некој кој ја губи контролата врз самиот себе и како тоа влијае врз најблиските, а всушност се работи за семејство со супермоќи, кое се вика „Екс-мен“.
Зошто го избравте овој филм за вашето режисерско деби, голем залак за некој кој прв пат режира?
– Не очекував за време на „Апокалипса“ или кој било од другите филмови на кои работев од светот на „Екс-мен“ дека моето режисерско деби ќе биде токму од оваа франшиза, но почнав да го формирам тонот на филмот и оттаму да го визуализирам. Обично ова не ми се случува како сценарист. Прво, јасна ми е темата на филмот, ја знам приказната и ги разбирам ликовите, но обично визуелно не ја замислувам естетиката на филмот. Тоа му го препуштав на режисерот. Во овој случај, поради тоа што одеднаш ми се појавија идејата и тонот на филмот, веднаш следуваше и визуализацијата. Во тој процес почнав да сфаќам дека „можам да го режирам филмот“. Го чувствував како свое дете кое не би го предал толку лесно на некој друг како кога претходно сум бил во улогата на сценарист. Со оригиналната актерска екипа ги исцрпевме сите можности, па затоа се решивме да одиме со Џенифер Лоренс, Николас Холт, Џејмс Мекавој и Мајкл Фасбендер. Тие ми ја дадоа потребната смелост да преземам ваков голем потфат за моето режисерско деби и воедно ме поддржаа.
Како ги убедивте другите да ви ја дадат оваа шанса?
– Ми требаше многу за да ги убедам продуцентот, себеси, и реално и најважно, студиото, зашто токму некој како мене, кој никогаш претходно во животот не режирал филм, треба да ја добие шансата за една од најважните франшизи на „Фокс“ на местото од Џејмс Камерон. Монтирав делчиња и сцени од други филмови и фотографии што ги најдов на Интернет, па така направив презентација и подготвителна верзија за најавата на филмот, која носеше одредена енергија и естетика. Потоа најдов неколку студија што работат на подготвителна визуализација и побарав да ги креираат движењата во акциските сцени за да имам неколку пробни снимки. Сакав да го покажам начинот на кој би сакал да биде снимен филмот, како би ја користел и движел камерата. Дури и во заднината вметнав музика на Ханс Зимер, а иронијата е што дури и самиот тој доби ангажман да работи токму на тоа во филмот.
Дали се променивте како сценарист кога одлучивте да режирате?
– На првата верзија не, сакав да видам до каде ќе оди мојата фантазија, затоа што едно од нештата кои режисерот ги сака во сценариото е предизвикот, и да биде нешто што претходно не било продуцирано. Токму тоа се случи во првата верзија. Потоа следуваше фазата колку од тоа е изводливо. Колку од тоа ќе се вклопи во буџетот на филмот и реалноста. Немаше некоја голема разлика меѓу двете нешта, бидејќи денес визуелните ефекти се толку неверојатни што можете буквално сè да снимите на зелено платно и веднаш добивате слика како да сте во вселената. Сценаристот во мене ја подготви првата верзија. Режисерот во мене работеше на втората верзија, а продуцентот работеше на третата верзија, затоа што продуцентот во мене мораше да го почитува буџетот.
Кој беше најтешкиот дел од режирањето?
– Разликата е во тоа што постојано сте на терен и ја планирате секоја секунда од денот. Кога сте продуцент, работното време ви е пофлексибилно и имате паузи меѓу сцените. Кога сте сценарист, вашата задача е решавање на некаков проблем, но може и со часови да не се појави, а дури некогаш и со денови. Но како режисер, тие неколку секунди меѓу сцените се користат за прашања на екипата. Од утро до вечер морате цело време да сте на нозе. Открив дека е потребно да сте многу физички подготвен за оваа работа. Една недела откако започна снимањето бев истоштен, што не ми се случило кога работев како продуцент. Мислев дека треба да го променам времето на спиење, но сфатив дека всушност треба да ги променам навиките за јадење. Разговарав со нутриционистка, која ми појасни дека кога наутро се појадува овошје, шеќерите даваат многу енергија која потоа драстично се намалува.
Дали вашата цел беше во центарот на вниманието да биде Џин и воедно да биде херој и негативец?
– Дефинитивно. Главната актерка во филмот е Софи Тарнер во улогата на Џин Греј. Делумната причина зошто се внесов толку многу во филмот и што сум режисер е затоа што „Екс-мен 3“ е мое коавторско дело и сметав дека не ѝ дадовме многу простор на приказната за мрачниот феникс во тој филм. Се каев што не добивме шанса да ја раскажеме таа приказна како посебна сага. Да можам би направил трилогија! Главната тема во филмот е тоа што Џин Греј ја губи контролата, а потоа следува приказната како нејзините најблиски се справуваат со последиците.
Во филмовите, „Екс-мен“ секогаш функционира како семејство кое ги решава проблемите, иако овој пат навидум изгледа така, егото на Чарлс Егзевиер всушност ги предизвикува проблемите.
– Во семејството веќе владеат одредени поделби, а Џин само дополнително ги поттикна. Суперхероите сега за прв пат во историјата на „Екс-мен“ станаа јавни личности, не се повеќе отпадници. Општеството ги прифати, но не со целосна доверба. На Чарлс ова му се допаѓа. Во еден аспект на прифаќањето не се работи за доблесна татковска фигура која сака децата да бидат сакани, туку всушност се работи за човек кој сака да биде сакан и прифатен од јавноста.
Претходно сте соработувале со Џесика Честејн. Дали мислевте на неа кога го креиравте нејзиниот лик или беше обратно?
– Прво го креирав ликот, а инаку таа ми е омилена актерка. Станавме блиски пријатели од филмот „Марсовецот“. Обожавам да работам со неа, а по овој филм уште повеќе. Сметав дека Џесика е вистинската за улогата затоа што таа може да игра неверојатно сложени ликови. Не знаете дали треба да ги сожалувате, да ги осудувате, да се плашите од нив или да дозволите да ве заведат. Нејзината суптилност е непредвидлива и токму поради тоа ја сакам. Има неверојатна сила. Денес нема актери со таква моќ на екранот.
Ова е нејзин прв суперхеројски филм. Зошто таа реши да ја прифати улогата?
– Претходно добивала понуди за суперхеројски филмови, но поради неколку причини го прифати овој лик. Една од нив е ззшто јас сум дел од филмската екипа и поради нашето пријателство. Секогаш сака да ги поддржува дебитантските режисери. Друга причина е што одговара на повеќето теми од филмот, од кои една е женската еманципација. Главниот лик (Џин) е жена и не станува збор за нејзината потчинетост кон мажот. Дури и не станува збор за врската со маж. Станува збор за тоа како таа ќе се справи со внатрешната борба. Токму ова претставува проблем за нејзините врски со другите мажи, како што е патријархалната врска која Чарлс ја има со сите од „Екс-мен“, но особено со неа. На Џесика ѝ се допадна идејата дека ќе игра негативец кој е свесен дека „Екс-мен“ не можат да разберат што ѝ се случува на Џин и дека сакаат да ја спречат нејзината промена. Џесика има одличен монолог во филмот, кога се запознава со Џин и вели дека „доброто и злото се само зборови одамна измислени од ограничени луѓе. Тие не важат повеќе за тебе, бидејќи ти ги надмина“. Ваквата филозофска тематика навистина ѝ се допадна на Џесика.
Подготви: Билјана Здравковска