Компаниите најчесто ги чувствуваат геополитичките тензии во областите што се предмет на територијални спорови. Бидејќи овие спорови ги втурнуваат фирмите во сложени надворешнополитички конфликти, тие мора да се потрудат што подобро да ја сфатат природата на несогласувањата ако сакаат да ги заштитат бизнис-интересите, оценуваат аналитичарите на американски Стратфор
Од Израел до Кина и Шпанија, компаниите сè повеќе се заплеткуваат во надворешнополитички конфликти во државите во кои оперираат. Територијалните спорови и двосмислените правни статуси ги претвораат деловните одлуки во надворешнополитички ставови, без разлика дали тоа е прифатливо или не за компаниите. Од понуди на недвижнини на „Ер-би-ен-би“ до мапи на Кина, ваквите одлуки можат да предизвикаат безбедносни и трајни проблеми за компаниите, кои се наоѓаат во средина. Како одговор на овие предизвици, корпорациите треба да имаат поголемо разбирање за несогласувањата, за да можат да предвидат и спречат секакво нарушување на работењето.
Неодамна сервисот за изнајмување недвижнини „Ер-би-ен-би“ најави дека од својата листа ќе отстрани 200 објекти во еврејските населби во Западниот брег. Само за неколку дена, соопштението предизвика низа реакции дека познатиот сајт ги дискриминирал еврејските сопственици на објекти. Од „Ер-би-ен-би“ изјавија дека одлуката била донесена врз основа на загриженоста за безбедноста, на процената направена за поголемиот спор во кој се вмешани населбите и на тоа како вклученоста на компанијата влијаела врз спорот. Иако работењето таму е во согласност со американските и израелските закони, палестинските власти и Обединетите нации ја оспоруваат законитоста на овие населби.
Критичарите сметаат дека „Ер-би-ен-би“ ги издвоил населбите во Западниот брег, повикувајќи се на листите во спорните области, како и Кипар и Тибет. Во соопштението за Западниот брег, „Ер-би-ен-би“ тврдеше дека отстранил и објекти на Крим и дека ги разгледува неговите политики во спорните области. „Хјуман рајтс воч“ интензивно лобираше за „Ер-би-ен-би“ и „Букинг“ повеќе да не нудат сместување во еврејските населби во Западниот брег, но „Букинг“ продолжува да ги изнајмува локалните сместувачки капацитети во областа.
Иако спорот во Западниот брег е најновиот пример за предизвиците со кои се соочуваат компаниите, судирот за независноста на Тајван предизвика многу повеќе проблеми за компаниите во текот на 2008 година. Најистакнат пример беше писмото што кружеше кај меѓународните авиопревозници во април истата година што го испрати кинеската администрација за цивилна авијација. Таа ги советуваше да истакнат во своите мапи за маршрутите и листата на дестинации дека Хонгконг, Макао и Тајван се кинески територии. Авиопревозниците постојано ја изоставаа Кина како дел од локацискиот опис и користеа „стилизирање“ на мапите, што покажуваше дека овие територии не ѝ припаѓаат на Народна Република Кина, на огромно незадоволство на Пекинг. Понатаму, во писмото беа предупредени авиопревозниците што нема да го почитуваат ова дека ќе бидат упатени кај „надлежните власти за сајбер-безбедност“.
Во февруари, властите ги згаснаа сајтовите на кинески јазик поврзани со хотелите „Мериот“, откако компанијата користела локациски мапи на кои пишувало дека Тибет и Тајван се посебни држави. Авиопревозниците го гледаа ова писмо како закана по нивните сајтови и по нивниот пристап до клиенти во Кина. Огромната контрола на државата врз домашниот сообраќај на Интернет им овозможува на властите веднаш да блокираат или да цензурираат одредена содржина, така што заканата беше сериозна.
Писмото предизвика дебата што траеше со месеци за тоа како каков одговор требаше да се даде. Повеќето превозници без седиште во САД ги исполнија барањата на Пекинг, со тоа што јасно ги наведоа градовите, како Тајпеј, во „Тајван, Кина“. Откако побараа помош од американскиот Стејт департмент, американските авиопревозници како „Јунајтед“ и „Американ“ имаа поинакво решение за проблемот. Спорните локации ги заведоа само со името на градот и поштенскиот број, без национална назнака. Тајпеј, Тајван, стана само Тајпеј. Ова не значи дека Кина извојува победа, но Тајван дефинитивно загуби.
Со заземањето поодбранбен став, Тајпеј имаше поголеми шанси да ги загуби авиопревозниците што го наведуваа како Кина. Сепак немаше никаков показател дека оние авиопревозници што ја промениле локацијата на дестинациите се соочија со некаков вид официјална казна. Но еден хотелски сопственик во Тајван ги прекина врските со „Мериот“ откако компанијата ги испочитувала барањата на Пекинг и го навела Тајван како дел од Кина (иако промената беше видлива само на кинеските сајтови).
Авиопревозниците не се единствените што се најдоа на удар. Кратко откако овие компании се изборија со проблемот во односите со Пекинг, кинеските клиенти повикаа на бојкот за „Икеа“, зашто користела пакување на производи на кои Тајван бил назначен како независна држава. Во истиот период, кинеските служби за испорака на храна одбиле да соработуваат со тајванската кафетерија „85Ц бејкери кафе“ откако тајванскиот претседател посетил еден од синџирот на локали во Лос Анџелес. Акциите на матичната компанија на пекарницата паднале за 9,8 отсто поради кратката посета и кинеската реакција.
Кина ефикасно го вршеше истиот притисок врз компаниите чии држави на потекло имаат дипломатски врски со Тајван. Пекинг постепено ги убедуваше овие држави да не ја нарекуваат Република Кина туку Народна Република Кина и настојуваше приватните компании да го сторат истото тоа. Компаниите беа дури уште поподложни на економскиот притисок, така што заканата за да се укине пристапот до кинеските пазари имаше сериозно влијание врз меѓународните авиопревозници, хотелите, трговците и други. Со тоа што го условува пристапот до пазарите за официјално признавање, Кина полека ја менува мапата за да прикаже еден свет во кој Тајван е под нејзина контрола. Ултиматумот на Пекинг ги тера компаниите да заземат надворешнополитички став кога тие претпочитаат статус кво или да останат неопределени.
Во американско-кинеското ривалство, САД и нивните сојузници се залагаа да го блокираат кинескиот производител на телекомуникациски уреди „Хуавеи“ да не прави инфраструктурни надградувања на новата 5Г (петта генерација) мобилна мрежа. Најново поглавје од оваа приказна е апсењето на Менг Ванжоу, ќерката на сопственикот на „Хуавеи“ и директорка на компанијата, во Канада, по барање од САД, по што Кина уапси двајца Канаѓани. Канада ја ослободи Менг со кауција, но таа сѐ уште се соочува со екстрадиција во САД, под обвинение за финансиски измами. Претходно, разузнавачката агенција на Нов Зеланд ја блокира „Хуавеи“од големиот проект на 28 ноември, што следуваше по сличниот потег на Австралија од август. Германија, Британија и САД исто така изразија силна загриженост за користењето на уредите на „Хуавеи“, повикувајќи се на можни слабости во националната безбедност што можат да настанат со користењето производи од кинеската компанија во такви сензитивни проекти. Бидејќи шпионажата и, воопшто, американско-кинеското ривалство најверојатно ќе се интензивираат во 2019 година, Стратфор оценува дека е многу веројатно дека приватните компании ќе бидат вмешани во конфликтот и ќе бидат присилени да изберат страна.
Други територијални спорови исто така се закануваат да ги натераат компаниите да заземат чудни надворешно политички ставови. За време на ланската сепаратистичка криза во Каталонија, компаниите во Барселона изразија јасен став дека тие сметаат дека регионот треба да остане дел од Шпанија. Сепак, тие го ризикуваа гневот на каталонското движење за независност, чии поддржувачи се и нивни потрошувачи.
Сега се чини дека движењето полека згаснува, но, сепак, не се завршени обидите за добивање независност и тие би можеле да предизвикаат нова криза во блиска иднина. Ескалацијата на конфликтот меѓу Русија и Украина во Керчанскиот Теснец ги исплаши трговците што ги користат водите во Азовско Море, зашто почитувањето на кои било закони на ривалските власти неизбежно ќе ги одврати другите и ќе доведе до казни што ќе им наштетат на бизнисите.
Во соопштението на „Ер-би-ен-би“ за отстранувањето од листата на објекти во Западниот брег, компанијата призна дека не била експерт за проблемот и барала помош однадвор за донесувањето на одлуката. Земајќи ја предвид сложеноста на израелско-палестинскиот конфликт, компанијата направила мудар потег што побарала помош. Меѓутоа, малку од конфликтите се јасни. Повеќето детали за споровите како што се Тајван, Украина, Шпанија и десетина други територијални спорови се многу сложени. Деловните одлуки имаат последици за компаниите што работат среде ваквите судири, како што покажа примерот со ознаките на дестинациите на сајтот на авиопревозникот на неговиот пристап до кинескиот пазар од 1,4 милијарда луѓе.
Развивањето свест за несогласувањата и факторите што влијаат врз нив им овозможува на компаниите да предвидат како тие можат да се судрат со нивните операции и да смислат планови за да го одржат деловното работење. Економијата и трговијата не треба да бидат одвоени од политиката, што значи дека овој вид стратегиска визија и планирање се уште поважни зашто врските во светската економија се сѐ поголеми.