Цивилизација на Велигденскиот Остров извршила екоцид, смета Дајмонд

Велигденскиот Остров е најјасниот пример за општество што се самоуништило со преголема експлоатација на своите ресурси. Пропаѓањето на цивилизацијата на Велигденскиот Остров е предупредување дека на светот му се заканува екоцид ако продолжи со уништувањето на природните ресурси

Големата цивилизација на Велигденскиот Остров доживеа пропаѓање поради претераната експлоатација на природните ресурси на островот, забележува познатиот американски географ, антрополог и историчар Џаред Дајмонд. За споредба, кога Џејмс Кук го посетил Велигденскиот Остров во 1774-та, бројот на населението изнесувал 700 жители, а во минатото островот имал 15.000 жители. Главната причина за уништувањето на оваа островска култура лежи во целосното уништување на дрвјата, а следствено на тоа и ерозија на почвата и недостиг од храна, што неминовно водело кон насилство и самоистребување на населението.
Дајмонд истакнува дека пропаѓањето на цивилизацијата на Велигденскиот Остров е „најјасниот пример на општество што се уништи со преголема експлоатација на сопствените ресурси“. Луѓето на Велигденскиот Остров започнаа со сеча на шумите и не застанаа сѐ додека не ги исекоа сите дрвја. Тој ова самоуништување го нарече „екоцид“ и предупреди дека судбината на Велигденскиот Остров еден ден може да биде наша.

Светската фондација за зачувувањето на природата со своето истражување покажува дека денешната цивилизација не живее само финансиски над своите можности туку „со начинот на живеење целосно ги надминува расположливите ресурси на природата“. Човештвото користи 50 отсто повеќе ресурси отколку што тоа може да го поднесе Земјата. Научниците од Фондацијата заклучуваат дека на Земјата ѝ се потребни година и пол за да го складира и обнови она што луѓето го трошат за една година. Од вкупно 229 споменици на природата и заедничкото културно наследство, 114 се загрозени од експлоатацијата на нафта и гас, рударската индустрија, незаконското сечење на шумите, претераното намалување на популацијата на рибите и неодржливото користење на водите.

Марко Ламбертини, директор на Фондацијата, истакнува дека, и покрај очигледните благодати на овие природни области, сѐ уште не успеавме да го „раздвоиме“ економскиот развој од еколошката деградација, а Колби Лоукс, експерт од фондацијата, го споредува човештвото со лош гостин: „Ние го празниме фрижидерот, не се грижиме за тревникот, не ги наводнуваме растенијата и, секако, воопшто не се грижиме да го фрлиме ѓубрето“.
За споредба, Македонија во 2012 година беше на 16-то место на листата на најголеми потрошувачи на ресурси во светот, позицијата се одредува со тоа што предвид се зема продуктивниот капацитет на земјиштето, споредено со големината на населението и потрошувачката по жител.

Последниот ваков пример е уништувањето на амазонската шума. Францускиот претседател Емануел Макрон на својот профил на Твитер напиша: „Нашата куќа е во пламен. Буквално. Дождовната шума на Амазонија, белите дробови на светот, кои произведуваат 20 отсто од кислородот на планетава, се во пламен“.

Според податоците на бразилската влада, сегашното уништување на шумите во Амазонија е најголемо во изминатите десет години, а сателитските слики покажуваат дека 7.900 квадратни километри шуми се уништени. Во однос на лани, уништената површина се зголемила за 13,7 отсто. Бразилските власти тврдат дека нелегалната сеча на шуми е главна причина за исчезнувањето на дождовната шума, но еколошките организации го обвинуваат новиот претседател Жаир Болсонаро дека го поттикнува уништувањето. Во изминатите три месеци во Бразил умреа околу 500 милиони пчели, а научниците велат оти причината за тоа е употребата на пестицидите во земјоделскиот сектор, меѓутоа уништувањето е последица и од уништувањето на шумите.

Со сечењето на шумите се уништува природното живеалиште на растенијата и животните. Бидејќи со своите корења ја држат почвата, големата сеча на дрвјата предизвикува ерозија на почвата и се спречува растењето на новите растенија. Дрвјата исто така ја апсорбираат дождовната вода, а уништувањето на шумите во планините може да предизвикува поплави во пониските делови. Дрвјата исто така помагаат во создавањето на дождот.


Кој е Џаред Дајмонд?

Џаред Дајмонд е американски еволутивен биолог, антрополог, историчар и автор на повеќе популарни книги. Во 1998 година, за својата книга „Оружје, вирус и челик“ ја доби престижната Пулицерова награда. Во неа ги истражуваше географските, културните, природните и технолошките фактори што доведоа до доминација на европската цивилизација во светот. Во 2005 година ја објави книгата „Колапс: Како општествата избираат да пропаднат или да успеат“. Во неа разгледува повеќе историски општества, со намера да ги идентификува причините за нивниот пропаст или успех, за современите општества да научат од овие историски примери.


Г7 блиску до договор за помош на гаснењето на амазонските пожари

Лидерите на самитот на групата седум економски најразвиени земји во светот (Г7) во Франција се многу блиску до договор за помош во борбата против пожарите во дождовните шуми во Амазонија. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави оти челниците се блиску до обезбедување „техничка и финансиска помош“.
Водачите од САД, Јапонија, Германија, Франција, Италија, Британија и на Канада вчера ги имаа последните состаноци од самитот во Бијариц, кој се одржува во услови на меѓународна тензија околу рекордните пожари во Бразил. Критичарите го обвинуваат претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, дека поттикнува уништување на Амазонија со својата антиеколошка реторика и со инертноста во преземањето мерки за заштита на шумите. Сериозноста на пожарите и одговорот на неговата влада предизвикаа глобални протести.
Макрон ги опиша пожарите како „меѓународна криза“ што бара „меѓународен одговор“, на што бразилскиот претседател одговори дека Макрон само собира политички поени и дека има „колонијалистички менталитет“, зашто на самитот на Г7 сака да разговара за држава што нема да биде присутна на разговорите (Бразил е дел од Г20, но не и од Г7). Навреди на сметка на Макрон и на неговата сопруга беа упатени од бразилскиот претседател, неговиот син, како и од шефот на бразилската дипломатија.
Во меѓувреме, Бразил ѝ нареди на армијата со илјадници војници и со авиони да помогне во гаснењето на пожарите, јави Би-би-си.