Традиционално и годинава во Струга, еден ден по празникот Ѓурѓовден, токму денеска, на 7 мај, ќе се одржи струшката литија, на која ќе се прикажат моштите на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Од Бигорскиот манастир посочуваат дека поради актуелната состојба, поради пандемијата на коронавирусот, годинешната литија ќе се одржи под строги здравствени протоколи.
– Низ улиците ќе поминат моштите од Свети Георгиј Победоносец и чудотворната икона со братството и сестринството од Бигорскиот и манастирот во Рајчица, без оркестарот и традиционалните торжества. Апелираме до верниците да не се движат во толпата. Доколку сакаат да се поклонат пред моштите, тоа да го направат од балконите и тротоарите, со почитување на мерките за заштита, држење растојание и носење заштитна маска – посочува организаторот.
Литијата ќе се одржи под силно полициско обезбедување и строго почитување на протоколите, а ќе почне да се движи низ струшките улици во 17 часот.
Литијата постои во Струга уште од времето на преродбата, која е на местото од стариот храм од 16 век, кој бил урнат во времето на Османлиите. Иконата на Свети Георгиј, пак, е најстарата икона од овој светец во Македонија, а се вбројува и меѓу седумте икони од 13 век пронајдени во македонските храмови. На иконата светецот е претставен во природна големина. Во десната рака, подигната во висина на главата, држи копје. Му припаѓала на иконостасот на старата истоимена струшка црква, која била урната и на нејзино место во 19 век бил изграден денешниот централен црковен храм „Свети Георгиј“.
Зборот литија значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите православни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.