Реномираниот издавач ,,Агора“ од Нови Сад ја објави стихозбирката ,,Лавиринт“ од македонскиот поет Ристо Лазаров на српски јазик. Оваа книга, која во Скопје излезе пред две години, лани е објавена и на чешки јазик, а веќе е искажан интерес за превод и на други јазици.
Книгата содржи 50 песни и авторот на поговорот, професорот Ферид Мухиќ, ја нарекува поетска ревизија на архетипските митови. Класичните антички митови, оценува Мухиќ, од Тројанската војна и сите најважни херои и ликови што одиграле клучна улога во овој настан опеан од Хомер, Казаров ингениозно ги вклучува во своите надградени, осовременети опсервации, ги адаптира и ги контекстуализира, ту во најширокиот контекст на карикирање, ту сосема ги локализира на препознатливи ликови и настани од нашето секојдневие, заводливо и интелигентно водејќи нѐ низ светот што постапно се оформува во еден вистински лавиринт во кој, сфаќаме, дека сме затворени и од кој нема ниту спас, ниту излез.
Пред ,,Лавиринт“ годинава во Белград беше објавена стихозбирката ,,Езерска“ од Ристо Лазаров, а во Бања Лука книгата песни ,,Цедена“.