Токму како што во пресрет на концертот кажа нашиот гитарист Влатко Стефановски дека во шоу-бизнисот има многу ѕвезди, ама малку извонредни музичари, каков што несомнено е Стинг, така и се докажа на концертот на легендата на 2 јуни на Градскиот стадион, во организација на продукцијата „Авалон“. Стинг дојде во рамките на својата светска турнеја „Моите песни“, како што е насловен и неговиот најнов албум.
Куриозитет е тоа што ова беше негов единствен концерт што се одржа на стадион во рамките на светска турнеја, иако очекувањата за исполнет аудиториум не се остварија докрај, делумно и поради временските услови, но и фактот што пребирливата публика кај нас е ограничена, а голем дел од неа веќе го слушна Стинг пред две години. Концертот имаше спектакуларна продукција, а бината беше онаква како на главната сцена на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад.
По настапот на Влатко Стефановски со грижливо одбрани песни („Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, „Си заљубив едно моме“, „Не си го продавај Кољо чифликот“… но и „Као какао“, „Бистра вода“ „Исток-запад телепатски“) со своето подмладено трио (неговиот син Јан Стефановски на тапани и младиот басист Иван Кукиќ од Струмица), точно навреме на сцената се појави извонредниот Стинг кому, се чини, годините не му можат ништо. Во одлична форма, физичка и пејачка, овој неуморен посветеник на музиката, покажа дека квалитетот и вонвременската музика секогаш наоѓа свои приврзаници, не само меѓу носталгичарите туку и меѓу новите генерации.
„Скопје, ве набљудувам“, ѝ порача Стинг на македонската публика додека го пееше најголемиот свој хит „Every Breath You Take“ од времето на групата „Полис“ на концертот на Градскиот стадион сношти. И оние што беа на минатиот концерт во Скопје, кој беше пожив и со повеќе хитови на „Полис“, овој пат можеа да уживаат во малку поинаков музички сензибилитет, побавен и посуптилен, повеќе во стинговски манир. Публиката на нозе ги дочека уште првите стихови на хитот „Message in a bottle“ со кој беше отворен концертот.
Стинг својата турнеја „Моите песни“ ја почна пред само неколку недели, а овде обожавателите можеа да ги слушнат сите негови најголеми хитови во нов сентиментален звук, подготвени токму за неговиот последен албум („Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Englishman in New York“, „Desert Rose“, „Can’t stand losing you“, „Brand new day“…) Својот настап го заврши со хитот што му ја обележи кариерата, уште во времето на „Полис“, „ Every Breath You Take “, но публиката го врати на сцена на уште еден бис.