Вечерва, во 20 часот, во просториите на „Јавна соба“ во Скопје, ќе биде отворена изложба на фотографии насловена „Внатрешната градина“ на визуелниот уметник Стефан Шашков. На изложбата ќе бидат прикажани 30 фотографии, именувани „Внатрешната градина“. Фотографиите се резултат на ненамерни фотографски медитации низ минливите и менливите моменти на реалноста и, по својот илуминиран светлопис, ја трансцендентираат истата таа реалност.
Тоа што старите сликарски мајстори го правеа преку четката, во овој случај е направен обид со фотоапарат, а „насликаните“ фотографии го надминуваат медиумот во кој се создадени, визуелно асоцирајќи на делата на импресионистите. Терминот „внатрешна градина“ е често користен од трагачите по себството, суфистите, алхемичарите и веќе застарениот њу ејџ, во контекст на прочистување на внатрешното битие од сите стратиграфски слоеви на илузиите, но и на знаењето и технологијата, за да се дојде до еден сопствен пристап кон естетичното во фотографскиот процес.