Во ТЦР-шампионатот на кружни патеки што почнува на 6 мај, Стефановски ќе се
натпреварува со возилото „хјундаи И30“. Лани во првенството ЕТЦЦ Стефановски беше четврти, а во 2014 и во 2015 година тој беше европски првак на ридски патеки
Натпреварите во рамките на Европскиот ТЦР-шампионат на кружни патеки е новиот предизвик за македонскиот автомобилист, Игор Стефановски- Иџе, со возилото „хјундаи И30“.
– Годинава нѐ очекува ново натпреварување во многу силна конкуренција, меѓу триесетина квалитетни возачи. Ќе сторам сѐ што е до мене да бидам конкурентен, да освојувам бодови, и ако сѐ создаде шанса да се тркам и за некое од првите три-четири места – рече Стефановски на вчерашната промоција.
Годинашниот шампионат почнува со трката во Франција, на патеката „Пол Рикар“, на 6 мај. Вкупно ќе се возат седум трки, во Зандворт, Холандија (21 мај), Спа, Белгија (10 јуни), на Хунгароринг во Будимпешта, Унгарија (8 јули), Асен, Холандија (19 август), Монца, Италија (21 септември) и во Барселона, Шпанија (21 октомври).
Пех за Стефановски е што уште не седнал и не го пробал новиот автомобил што треба да го добие непосредно пред трката во Франција. Додуша кон крајот на минатата сезона тој имаше можност да вози еден сличен модел „хјундаи“ што се смета за еден од најдобрите во ТЦР-серијата, во европски и во светски рамки.
– Секако дека би било подобро кога би имал повеќе време за тестирање, но се надевам дека сѐ ќе биде во најдобар ред, веќе се навикнав доста работи да се средуваат во последен миг – рече Стефановски.
Автомобилот „хјундаи И30“ чини 128.000 евра, а вкупниот буџет на тимот АКК Стефановски за сезонава изнесува помеѓу 400.000 и 500.000 евра. Во минатата година Стефановски се натпреваруваше во шампионатот на ФИА ЕТЦЦ со свој тим, прв македонски, со возилото „сеат леон“ и го освои четвртото место. Во 2014 и 2015 година Стефановски беше европски првак на ридски патеки.
Во годинашната серија ТЦР ќе настапува уште еден македонски автомобилист, Виктор Давидовски, зад воланот на „хонда сивик ФК7 ЦР“. За Давидовски и за неговиот тим ова е прва полна сезона во меѓународна конкуренција по неколкуте успешни настапи последниве години на национални првенства на Македонија и на Србија каде што освои десетина титули.