Ѓоргиевски (петти од лево) на турнир на ветерани во Копер во 2017-та

Ѓорѓиевски беше еден од првите ракометни репрезентативци на Македонија по осамостојувањето на нашата држава. Почетоците му беа во РК Кале, кој иако беше маалски клуб во еден период играше значајна улога во македонскиот ракомет. Во сеќавање на првиот официјален репрезентативен настап на „Трофејот Карпати“ во Романија и на „Трофејот на Македонија“ на кој беше совладан тимот на повеќекратниот светски првак Романија

Нема да кажам ништо ново ако уште еднаш, во овие мои написи за легендите, истакнам дека ракометниот спорт во Македонија има долга и богата традиција. Можеби, токму поради таа традиција, која почна да се создава кон средината на минатиот, во овој век нашата држава и на клупски и на репрезентативен план почна да постигнува добри резултати и на некој начин стана фактор во европскиот и во светскиот ракомет.
Ова е можеби погоден момент да кажеме дека Македонија беше една од првите земји во светот во која почна да се игра малиот ракомет. Така се викаше овој спорт во почетокот о 50-тите години од минатиот век, бидејќи се појави по трансформацијата на големиот ракомет, кој се играше на фудбалски терен со 11 играчи. Интересно е да се каже дека Македонија во периодот кога на сцена беше големиот ракомет имаше и двајца стандардни југословенски репрезентативци во имињата на Славко Матовски и Драган Геровски.

Сето ова, не случајно го давам како вовед, зашто сакам да се види колку понекогаш традицијата може да одигра значајна улога во развојот на спортот. Како што во животот често знаеме да кажеме дека ништо не е случајно, истото тоа се однесува и на спортот. Случајностите што го исполнуваат секојдневието, може да се окарактеризираат како нешта, кои, сепак, почиваат на некакви корени и не се само обични случајности. Таков е примерот со ракометниот спорт кај нас, кој зема голем замав особено во втората половина од 50-тите години на минатиот век. Но, тогаш, поради слабата инфраструктура немаше многу клубови.
Дури подоцна како резултат на големото интересирање кај младите за малиот ракомет, почнаа да се градат игралишта прво во училишните дворови, а потоа и на празните површини во градските средини, нормално каде што имаше услови за тоа. Така, во една маалска средина, во познатата Топаана во Скопје, се изгради ракометно игралиште и се формира клуб под името Кале. Оттука, поникнаа подоцна многу познати играчи, кои се раштркаа низ другите скопски клубови. Еден од нив е и Среќко Ѓорѓиевски, познато име во ракометниот спорт, човек што и денес со голем ентузијазам е посветен на овој спорт и се наоѓа на чело на ветераните, кои се дел од Ракометната федерација на Македонија.

КАКО ЕДНО СЕМЕЈСТВО
Интересна е приказната на Среќко за тоа како дошол во ракометот, и тоа токму во екипата на Кале.
– Главен иницијатор, кој на некој начин ми ја предодреди спортската судбина, беше мојот наставник по физичко во средното училиште, Бранко. Тој беше голем спортски ентузијаст, посебно вљубеник во ракометот. Кога тој ќе забележеше дека некој негов ученик има предиспозиции за овој спорт веднаш му сугерираше да почне да тренира, за да не се загуби талентот. Така беше и со мене, Бранко се чини, благодарејќи на мојата физичка конституција, оцени дека сум скроен токму за овој спорт и уште во првата година од средно ми препорача да одам и да се зачленам во младинската екипа на Кале. Во тие моменти и не претпоставував дека толку долго ќе останам во спортот, кој сѐ повеќе ги освојуваше младите. Сето ова се случи во 1979 година. Оттогаш почна моето активно играње. Првата сезона настапував за младинската екипа во градската лига на Скопје. Тука имав неколку извонредни партии, кои практично беа виза за тренинг и настапи и со сениорската екипа – вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски по првата година тренинг и не можеше да верува дека е толку блиску до првата екипа, за која настапуваа повеќе познати имиња.

– Со респект гледав кон сите нив и во почетокот морам да признаам дека бев малку поисплашен. Но тој страв набрзо помина и си реков – шансата е тука треба да ја искористам. И навистина беше така, почнав сѐ почесто да влегувам во игра во сениорската екипа, иако редовно настапував и за младинците. Во еден викенд се случуваше да имам и по два натпревара, но токму тоа го сакав, тоа ме исполнуваше и не чувствував некој голем товар од тоа што и во саботите и во неделите истрчував на теренот. Тоа беа убави години во екипата на Кале, во која сите бевме како едно семејство. Токму во тоа беше и силата на овој, за многумина, маалски колектив – продолжи Ѓорѓиевски.

За квалитетното издигнување на Среќко многу придонесе и фактот што во сезоната 1980/81 оваа екипа се натпреваруваше во Републичко-покраинската лига во која беа вклучени екипи од Македонија и од Косово.
– Ова беше период кога ракометот цутеше во поранешната држава. Националната репрезентација со успех настапуваше на сите поголеми приредби, а беше редовен учесник и на олимпијадите. Во Минхен во 1972 година го освои златниот медал и оттогаш практично почна вистинскиот подем. Тој резултат за нас, кои тогаш имавме по 7-8 години, беше како магнет. Сите посакувавме да се вклучиме во спортот, кој нам уште како деца нѐ анимираше и ни донесе толку многу радости. Кога дојде време, пак, и јас да се најдам на теренот и да заиграм, мечтаев да станам како некој од оние познати репрезентативци. Тоа како да ми беше дополнителен мотив, кој ме водеше кон моето изградување и созревање како ракометар – вели Ѓеорѓиевски.

ЦЕЛ НА ПОГОЛЕМИТЕ КЛУБОВИ
Вистинското калење Среќко Ѓорѓиевски го имаше во Кале. За оваа симпатична екипа, на која и денес се сеќава и која му ги враќа спомените на ракометните почетоци, тој настапуваше до 1984 година.
– Бев свесен дека брзо напредував и знаев дека за мене се заинтересирани и некои од поголемите клубови. Но толку бев приврзан со Кале, така што не ми паѓаше на памет да го напуштам клубот. Но, по подолго размислување и во една борба со самиот себе, сепак, решив да одам во поголем клуб каде што ми се отвораа нови перспективи. Така, го одбрав Металург, за кој настапував во следните три години и тоа во многу силната Втора југословенска лига, југ, а еден период и во Првата македонска лига. Тогаш имаше еден богат и разгранет систем на натпревари, а разликата во квалитет меѓу тие лиги како и да не постоеше – вели Среќко.

Желбата да напредува го тера Ѓорѓиевски да размислува за нешто ново, за нешто поголемо. А, тоа ново и поголемо беше Вардар, екипа, која претходно во 70-тите години се натпреваруваше во Првата лига на поранешната држава. Вардар и подоцна го одржуваше својот рејтинг и постојано беше во врвот на македонскиот ракомет.
– Токму тоа беше причината што по три години решив да заминам од Металург и да ја прифатам поканата да дојдам во Вардар. Ова се случи во 1987 година. Тогаш и не помислував дека во популарниот клуб ќе останам цели осум години во континуитет, период во кој ги вкусив сите лигашки натпревари, од Првата, преку Втората, па сѐ до Македонската лига. Посебно интересен беше периодот кога Македонија стана самостојна држава и кога се разви голема борба за шампионската титула или за куп-трофејот. Конкуренцијата беше голема, тука беа Пелистер, Металург, потоа Шевро Куманово, Тутунски комбинат Прилеп, Младост од Богданци, Повардарие, Пролет, еден период се појави Јафа од Ресен, со еден збор имаше силна конкуренција. Токму таа конкуренција и ривалитет го кренаа квалитетот на ракометот во Македонија. Сега имавме шанса да настапуваме и во европските купови што, пак, посебно нѐ мотивираше – продолжува Ѓеорѓиевски.
Во таа ракометна карта, од десетина квалитетни клубови, Ѓорѓиевски секогаш беше интересен за секој од нив. Така се случи во продолжение на клупската кариера да настапува и за Младост од Богданци, кој со успех се натпреваруваше и во европските купови. Таму остана две години, потоа продолжи во Линк Телеком, во Повардарие една сезона, потоа уште три сезони во Металург, за кариерата да ја заврши во Пролет. Интересно е дека насекаде беше еден од столбовите на екипата.

РЕПРЕЗЕНТАТИВНА КАРИЕРА
Во најзрелите играчки години Среќко Ѓорѓиевски имаше среќа да заигра и за онаа прва македонска сениорска репрезентација, која се формираше по осамостојувањето на нашата држава.
– Бев почестен што се најдов на списокот на играчи што ја сочинуваа нашата прва репрезентација. Селектор ни беше легендарниот Славе Атанасовски-Чаве, а тренер, исто така, легендарниот голман Ванчо Јовановски. Со нив го отворавме патот кон афирмацијата, но истовремено почнавме да го градиме и патот на кој потоа продолжија нашите следбеници, предводени од феноменалниот Кирил Лазаров. Тие за мое, а секако и за задоволство на сите членови на првиот репрезентативен состав, ни приредуваат големи радости со континуираните учества на европските и на светските првенства. Среќен сум и чувствувам дека и јас, како поранешен репрезентативец, сум вграден во нивните успеси – продолжува Ѓеорѓиевски.
Инаку, Ѓорѓиевски во почетокот настапи за репрезентацијата на сите ревијални, повеќето неофицијални средби, зашто се чекаше на нашето признавање и вклучување во Светската и во Европската ракометна федерација.

– Кога се случи тоа, во декември 1993 година настапивме на првиот официјален натпревар под знамето на Македонија на „Трофејот Карпати“ во романскиот град Орадеа. Бевме пресреќни, конечно светот и за нас беше отворен, а тоа, пак, беше сигнал за ракометните работници и тие уште поамбициозно да се вклучат, особено во организирањето на некои поголеми приредби. Така, се роди и „Трофејот на Македонија“ во 1994 година. Тогаш во Велес во една незапамтена атмосфера со френетично навивање и поддршка од трибините ја победивме репрезентацијата на повеќекратниот светски првак Романија. Тоа, во светот на ракометот, одекна како голема сензација, а ние, членовите на првиот национален сениорски тим на Македонија, бевме посебно горди на тој успех. И денеска, кога ќе се собереме на средбите на ветераните се сеќаваме на тој натпревар. Повеќето од нас го имаат префрлено на нашите телефони, па, така, се случува заедно да го гледаме. Бекот Михајловски, кој сега живее во Белград, како да беше најсреќен во тие моменти, зашто тој го постигна последниот гол за конечната победа. Е, тоа беа времиња – со воздишка вели нашата ракометна легенда Среќко Ѓорѓиевски, кој очигледно во себе носи убави, но и носталгични спомени, кои вечно ќе останат врежани во неговата меморија.


Среќко Ѓорѓиевски

Роден: во 1965 година во Скопје
Кариера: Кале, Металург, Вардар, Младост Богданци, Линк-Телеком, Повардарие, Пролет, македонска сениорска репрезентација
Успеси: Член на првата национална сениорска репрезентација на Македонија, настапил на „Трофејот на Карпати“ во Орадеа, Романија и „Трофејот на Македонија“ во Велес


Професор и доктор

Среќко Ѓорѓиевски паралелно со играњето ракомет не го запоставуваше и учењето. Често се случувало тој да полага испит на факултетот, а потоа веднаш сам да отпатува кон дестинацијата каде што требало да се игра натпреварот.
– Тоа не беше еднаш, туку повеќепати. Ракометот стана дел од мојот живот, но уште кога почнав да се занимавам со него си реков дека не смеам да го запоставам и учењето – вели Среќко.
Денес Ѓорѓиевски е професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, а го одбрани и докторатот. Така, на шега другарите за него велат: „Среќко е најдобриот ракометар меѓу докторите и најдобриот доктор меѓу ракометарите“.


Пауза до крајот на август

Почитувани читатели, репортерскиот бележник на Зоран Михајлов, од овој понеделник до крајот на август ќе мирува. По летните одмори „Нова Македонија“ повторно ќе продолжи со објавување интересни приказни за македонските спортски легенди.