Царините на Србија и на Македонија работат на подобрување на одредени аспекти од заедничката контрола на граничниот премин Прешево – Табановце, посочи заменик-директорот на Царинската управа на Србија, Веселин Милошевиќ.
По отворањето на првиот заеднички граничен премин, очекувањата беа патниците и превозниците да губат помалку време за гранични формалности. Сепак, искуствата на патниците и на превозниците укажуваат дека има тешкотии во реализацијата. Милошевиќ за утринската програма на РТС кажа дека Царинската управа, заедно со граничната полиција и колегите од Македонија, работат на подобрување на одредени аспекти од заедничката контрола.
– Тоа ги подразбира оние аспекти за кои работејќи заедно и преку компромис треба да бараме подобри решенија, за олеснувањето да може да се почувствува во економијата, особено кај превозниците и нашите граѓани, како и сите други патници што го користат овој премин – рече Милошевиќ.
Тој истакна дека преминот Прешево – Табановце е еден од најголемите и најефикасни премини.
– Околу 600 камиони влегуваат во Србија за 24 часа, што се смета за голем резултат, бидејќи царинската постапка на Србија во просек трае околу 2,5 минути. Од друга страна, колегите од Северна Македонија изразија загриженост од незадоволството на одредени здруженија на превозници, затоа што во Србија немаме капацитет да ги користиме т.н. брзи ленти наменети за камиони – изјави заменик-директорот на српската царина.
Тој истакна дека во неколку наврати имале средби на преминот и наскоро очекуваат делегација на Царинската управа на Македонија во Царинската управа во Белград да потпише договор за подобрување на сегашната состојба.