Најчести сценарија се одбранбен напад на женката со младенчињата (47 отсто),
ненадејна средба (20 отсто), присуство на ловџиски кучиња (17 отсто), кога мечката е ранета или фатена во некоја стапица (10 отсто), предаторски напади (пет отсто)

Вкупно 80 научници од целиот свет првпат спровеле истражување за тоа кои се најчестите причини за негативните средби со мечките, а потоа обработените податоци биле објавени во списанието „Научни извештаи“ (Scientific reports). Иако сивите мечки се познати по тоа што ги избегнуваат луѓето, сепак, тоа и не е можно секогаш. При истражувањето се собрани и анализирани 664 напади на сиви мечки врз луѓето за период од 2000 до 2015 година во Северна Америка, Европа и на Истокот (Европа и Азија), а кои завршиле со физички повреди или со смрт.

Резултатите од истражувањето покажале пораст на бројот на нападите во текот на минатата деценија, што е резултат на неколку фактори (на пример, пораст на бројот на мечките, пораст на човечката популација во дел од светот, што, пак, доведува до почесто преклопување на живеалиштата).
Понатаму сѐ повеќе луѓе се занимаваат со рекреативни активности или имаат викенд-куќички каде што мечките живеат или најчесто се движат. Сѐ почестото користење на дивината од луѓето, а кои не се навикнати на соживот со дивите животни, исто така, ја зголемува опасноста од можни опасни средби.

Статистиката покажала дека на подрачјето на Европа најмногу напади се случиле во Романија (131), потоа во Словачка (54), Шведска (28) и Финска (17). Во Северна Америка, на Алјаска (51), Британска Колумбија (42), Вајоминг (29), Монтана (25) и во Алберта (18). На Истокот, во Русија (111), Турција (54), Иран (25). Најмногу напади во кои дошло до физички контакт резултирале со повреда (85,7 отсто).
Најчести сценарија на нападот на сивите мечки се всушност одбранбениот напад на женката кога е со младенчињата (47 отсто), потоа ненадејната средба (20 отсто), присуството на ловџиските кучиња (17 отсто), напад откако мечката е ранета или фатена во некоја стапица (10 отсто), предаторските напади…

Второто зачестено сценарио главно е резултат на несоодветното однесување на луѓето, што го зголемува ризикот од напад, а кое може да се елиминира со избегнување самостојно движење низ живеалиштата на мечката, движење со куче или следење мечка ранета во лов. Сето ова може претходно да се избегне и со спроведување кампањи за информирање и едукација на јавноста.


Кога пукаат рибарските стапови?

Најлесно е да се поправат целосните рибарски стапови, особено оние посилните за длабински лов. Со шупливите рибарски стапови ситуацијата е многу потешка. Затоа е најдобро испуканите делови да се заменат со нови

Ако се исклучи кршењето на рибарските стапови што се направени надвор од риболовот (а тие се и најчести), тогаш постојат три основни причини за нивно пукање. Првата причина е самиот рибар, втората е рибата, а третата причина е фабричка грешка во неговата изработка. Всушност, друга причина можеби и не постои, оти кога на рибарскиот стап неочекувано ќе се најде некој „капиталец“, а притоа тој се скрши, повторно рибарот е виновен или причината треба да се бара под број три, оти во вакви екстремни ситуации може да се увиди колку телото на рибарскиот стап (не) чини. Ако се лови нешто ситно, а нешто не е во ред со стапот, тоа може да биде само ако е скинат конецот. Значи и тука сѐ зависи од самиот рибар.
Секој напукнат рибарски стап може да се поправи. Но прашањето е дали таа поправка во сопствена режија е исплатлива. Рибарите сметаат дека тоа не е исплатливо ни кај поевтините, а уште повеќе кај поскапите стапови. Поправката, (помалку или повеќе) може успешно да се направи со помош на повеќе видови стаклени и јаглеродни влакна и ткаенини од специјално двокомпонентно лепило, уреди за негово зацврстување…
Најлесно е да се поправат целосните рибарски стапови, особено оние посилните за длабински лов. Поправката обично малку и го менува нивното дејство. Со шупливите рибарски стапови ситуацијата е многу потешка. Затоа е најдобро испуканите делови да се заменат со нови.