Првата детска амбасада „Меѓаши“ во минатата 2018 година, на својот СОС-телефон за деца и млади регистрирала 107 дојави за прекршување на детските права. Она што најмногу загрижува како факт е дека од вкупниот број телефонски јавувања, 30 биле за сиромаштија.
Драги Змијанац, претседател и основач на „Меѓаши“, за проблемот на сиромаштијатa посочи дека овие деца од рана возраст треба да се вклучат во градинка. Државата мора да им даде бенефиции за да стекнат други животни навики и да не бидат дискриминирани по социјалниот статус. Исто така мора да им се обезбедат топли обувки, облека, храна и на тој начин да се овозможи да има помалку едно дете на улица.
Покрај овие податоци, од годишниот извештај за работата на СОС-телефонот за деца и млади што вчера го презентира првата детска амбасада „Меѓаши“ беше истакнато дека од вкупниот број дојави, 13 се за семејно, физичко и психолошко насилство и негрижа врз дете. Девет деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и пет се регистрирани како жртви на меѓуврсничко насилство.
За Јана Зенговска, координаторка на СОС-телефонот за деца и млади и психолог, заедничкото пренесување информации и знаењето на надлежноста на институциитe доведуваат до заштита на децата на кои им треба помош во одреден момент.
Во првата детска амбасада „Меѓаши“, СОС-телефонот функционира 26 години и за овој временски период биле регистрирани 20.742 повици. Овој телефон претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства.