Во едно од студијата на Македонската телевизија, но и на неколку локации во Скопје, изминатиот период интензивно се снимаше нова верзија на некогаш мегапопуларната детска серија „Дајте музика“ на Македонската телевизија.
Главни ликови овој пат се: Филип, Наташа, Кики, Саша и Тео, кои заедно со триесетина деца од актерската школа на Весна Бејби Петрушевска го возобновија духот на шоуто со кое растеа многу генерации. Наедно таа е и инструкторка по актерска игра во серијата.
Во секоја од 30-те епизоди гостува по една позната јавна личност, па така меѓу учесниците во серијата се и: Перо Антиќ, Стојанче Стоилов, Тамара Тодевска, Бени Шаќири, момците од „Некст тајм“. Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Слаткаристика, Дарио, Дани, Нокаут и други, а во последната епизода специјална гостинка е пејачката Каролина Гочева.
МРТ е главен продуцент, копродуцент е „Рифенштал“, а автори на серијалот се Цаци и Лазар Паковски, кој се потпишува и како режисер, заедно со Владимир Митревски.
Емисијата повторно ќе изобилува со многу музика, а новите детски хитови ги потпишуваат: Николче Мицески, Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други. Улогата на мајстор ќе ја толкува Ѓокица Лукаревски, полицаец ќе биде Нино Леви, Игор Џамбазов ќе има епизодна улога, а ќе гостуваат и други млади актери.
Инаку, автор на идејата на сценариото за првата серија „Дајте музика“ реализирана во МТВ пред 27 години е Татјана Гогоска, а проектот, кој стекна огромна популарност меѓу децата беше реализиран во периодот кога уредник на Детската редакција беше неодамна починатиот писател Васил Пујовски.
– Кога му ја кажав идејата за серијата Пујо без размислување ми рече: „Веднаш седни и пишувај“ – се сеќава Гогоска.
Таа неодамна се сретна со некои од учесниците на првиот серијал, чиј главни ликови беа: Трајче, Сара, Наташа, Раде и Оливер и со многу емоции тие се потсетија на убавите денови кога за „Дајте музика“ знаеја сите деца во земјава.
Да се надеваме дека и новиот серијал ќе има таква гледаност.
Римејкот на „Дајте музика“ ќе се емитува на Македонската телевизија, а епизодите ќе почнат да се прикажуваат кон крајот на месецов.