Заокружена е програмата на 44-от „Млад отворен театар“, кој ќе се одржи од 13 до 21 септември. Во девет вечери ќе гостуваат петнаесет врвни театарски продукции, на шест сцени во Скопје и една во Велес. На отворањето ќе биде изведена претставата „Оваа зграда зборува (на)вистина“ – добитник на најпрестижната награда „златна трига“ на 14-то Прашко квардиенале за дизајн во сферата на перформанс, сценографија и театарска архитектура.
Организаторите на МОТ го најавуваат и гостувањето на Словенско младинско гледалишче со претставата „Сѐ уште без наслов“ на генијалниот Томи Јанежиќ, театарско искуство во времетраење од девет часа.
Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапат култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за „греми „Тајгер лилис“ со посебно шоу со кое слават 30 години. Покрај двата концерта, следува и работилница за специфична локација – „Оди и види“ во Железничката зграда, потоа предавање и дискусија со Мајк ван Гран во „Кино култура“ и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.
Програмата ќе се одвива во Националната опера и балет, „Кино култура“, Железничката зграда, „Театар комедија“, „Фросина“ во МКЦ, Драмскиот театар и во велешкиот театар, каде што ќе се игра претставата „Злосторството на 21 век“.