И овој пат на фестивалот доаѓаат ексклузивни гости од повеќе области, кои ќе одржат работилници и предавања. Се најавуваат претставник на „Венециското биенале“ и исклучително креативен фотограф што работи за светски брендови како „Сачи енд Сачи“, „Ериксон“, „Тојота“, потоа интересна брачна двојка архитекти од Србија, кои со своите иновативни идеи се единствени во Европа, еден српски интересен лик – фриленсер, менаџер и еколошки активист…
Еден од најурбаните културни настани во градов, фестивалот „Скопје креатива 2018“, активно се подготвува за годинешното издание, кое седми пат ќе се одржи од 11 до 13 мај во Младинскиот културен центар и на локации околу институцијата (надворешна бина кај кафе-барот „Фросина“, тревници пред објектот…). Од првото издание во 2012 година, кога организаторите го воведоа терминот креативни индустрии, до денес, во пресрет на седмото издание, слободно можеме да кажеме дека оваа гранка стана препознатлива и широко прифатена и кај нас.
– Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи. Преку развивањето вештини и интензивирањето на соработката меѓу секторите култура и економија ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој. Во досегашните изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки… – порачуваат организаторите, градот Скопје и конгресниот центар „Александар Македонски“.
Годинава фестивалот донесува рекордни 44 настани распоредени во три дена: изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери… По конкурсот на конгресниот центар „Александар Македонски“, врз основа на годишната програма за работа на институцијата за 2018 година, поддржа низа проекти, меѓу кои: „Тркалезни форми“ (фотографска изложба) на Дејан Џолев, „Магија на тебе“ на MATA – изложба на моден дизајн, „Госпоѓиците од Авињон“ – проект во 3Д-макета на Архитектонски факултет Скопје, под менторство на Елизабета Аврамовска со студентите, „Куќа на желбите“ – работилница за деца со посебни потреби на „Акција реакција“, изложба на накит „Брутализам“ на Весна Кондова и Адела Келеција, „Кукачот“ – работилница за краткометражен игран филм под менторство на Загорка Поп Антоска-Андовска, „Ја сакаш ли Македонија“ – кратко еко-видео и др. – Програмата за развој на креативните индустрии „7. Скопје креатива 2018“ треба да обезбеди промоција на вредности, производи и услуги од областа на креативните индустрии, како што се: дизајн, визуелни уметности, културни локации, нови медиуми, креативно-едукативни услуги, изведбени уметности, аудиовизуелни уметности, традиционални културни изразувања… – велат организаторите на фестивалот.
Наскоро ќе биде објавена комплетната програма, локацијата и овој пат е МКЦ, а мотото годинава е „7 пати до креативност“. Во најава се ексклузивни странски гости од различни креативни области! – Фестивалот и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така, и овој пат на фестивалот доаѓаат ексклузивни гости од повеќе области, кои ќе одржат работилници и предавања во рамките на програмата. Ќе имаме претставник на „Венециското биенале“, еден исклучително креативен фотограф што снима за адвертајзинг-кампањи, портрети, пејзажи, за познати светски брендови како „Сачи енд Сачи“, „Еар“, „Лео Бурнет“, „Хавас“, „Ериксон“, „Флексус, „Тојота“, „Фолксваген“…
Потоа интересна брачна двојка архитекти од Србија, кои со своите иновативни идеи се единствени во Европа, еден српски интересен лик, фриленсер, менаџер и еколошки активист и др. – најавуваат од секторот за jавни дејности на градот Скопје. Еден од централните настани и на ова издание ќе биде проектот ,,Инфо млади@креативни“, под покровителство на градот Скопје, а во организација и реализација на конгресниот центар „Александар Македонски“, во соработка со средните училишта во градот Скопје. Настанот има за цел да ги интегрира знаењето и креативноста како основен човечки ресурс и потенцијал.
– Во текот на годините сведоци сме на многу настани од областа на културата и уметноста што, секако, го заслужуваат вниманието на публиката, а особено на средношколската, која во последните години, за жал, станува сѐ повеќе инертна во однос на директно вклучување на овие настани и најчесто нејзиното учество се сведува во мал процент во улога на можна публика. Креативноста е неодвоива од човековото битие и без неа нема ниту иновативност и развој, ниту пак високо додадена вредност. Токму поради тоа овој проект има за цел да ги интегрира учениците од средните училишта и интерактивно да ги вклучи во предавањата и работилниците, водени од стручни лица и експерти, да се стекнат со знаење и вештини, но истовремено и да се поттикнат нивните организаторски способности, со што ќе се придонесе за издигање на свеста кај средношколците – велат организаторите.