Фото: бгнес

Два дена по несреќата во Бугарија, болката не стивнува

Два дена по трагичната несреќа на македонски автобус на автопатот Струма во Бугарија, во која 45 луѓе загинаа, а седуммина беа повредени, не стивнуваат реакциите во јавноста, која со право бара одговори на прашањето како се случи обично рутинско викенд-патување да се претвори во невидена трагедија што ја зави Македонија во црно.
Роднините на настраданите инсистираат што поскоро да завршат нивната голгота и бесконечното исчекување повредените да се вратат дома, а телата на загинатите да им бидат предадени за да можат да бидат достоинствено погребани.
Министерот за надворешни работи Османи остана во Бугарија за да посредува меѓу роднините и бугарските институции во делот на идентификација на жртвите, но и во делот на информациите за здравствената состојба на повредените. Од македонското министерство за здравство очекуваат повредените да останат во софиската болница до петок, по што ќе се направи план за нивен транспорт во земјава.
Денеска треба да бидат соопштени и првичните сознанија за можните причини што доведоа до трагичната несреќа, при што фокусот засега е ставен врз грешка на возачот или техничка неисправност на возилото.
Во меѓувреме, повеќето активности во земјава се откажани, а откажана е и денешната собраниска седница на која требаше да се поставуваат пратенички прашања.


Состојбата на повредените е стабилна

Здравствената состојба на сите седум пациенти што добија повреди во завчерашната автобуска несреќа е стабилна и сите се згрижени во болницата „Пирогов“.
Началничката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, д-р Маја Аргирова, соопшти дека завчера се извршени две полесни операции на преживеаните лица од автобуската несреќа, а за вчера беа закажани уште две операции.
– Едниот од пациентите има тешки изгореници на двете раце, поради што ќе мора да се изврши операција, а операција на десното колено треба да се изврши и на едно девојче – рече д-р Аргирова.
Таа потврди дека шест од пациентите се наоѓаат на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, а еден од пациентите е во Клиниката за трауматологија бидејќи се наоѓа во тежок психички шок и дека со него е психолог.
– Работат психолозите со него, како и со сите – додава таа.


Бугарските истражни органи со првични сознанија за несреќата

Бугарското обвинителство денеска треба да ги соопшти првичните сознанија за причините за трагичната несреќа на македонски автобус на автопатот Струма, во која 45 луѓе го загубија животот, а седуммина беа повредени.
Засега фокусот на истрагата е насочен врз две верзии како причина за трагедијата, техничка неисправност на автобусот или грешка на возачот.
Бугарските истражни органи треба да утврдат: прво зошто возачот изгубил контрола и излетал од патот, а потоа и за тоа како настанала експлозијата во предниот дел на автобусот. Како што најавија претходно бугарските експерти, се очекува истрагата да трае шест месеци. Автобусот на „Беса транс“ во Бугарија влегол во понеделникот десетина минути по 21 часот од граничниот премин Капитан Андреево, патувајќи од Истанбул кон Скопје. До местото на несреќата поминал 304 километри за четири часа и 51 минута. Беше последниот што патуваше заедно со три автобуса што превезуваа патници на неколкудневна посета во Турција.


Тодоров: Отштета се плаќа откако ќе се утврди вината за несреќата

Претседателот на Здружението на жртви од сообраќајни незгоди, Владимир Тодоров, рече дека секој автобус што сообраќа по бугарските патишта има или осигурување од „граѓанска одговорност“ или осигурување со „зелен картон“.
– Има посебно патничко осигурување, со пониски нивоа на компензација. Границите во Бугарија се на ниво од пет милиони евра. Во Република Македонија се околу 600.000 евра – нивоата се речиси 10 пати пониски – рече Тодоров.
Според него, ако се утврди вина кај возачот, тогаш роднините на починатите мора да поднесат побарувања против македонските осигурителни компании.
– Но доколку имаме проблем и со инфраструктурата, осигурителот би можел да се обрати до сопственикот на патот. Отштета се плаќа откако ќе се знае кој е виновен – појаснува Тодоров.


Османи: Се работи на побрза идентификација на жртвите

Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изјави дека работи на тоа да им ја олесни комуникацијата на семејствата на жртвите со институциите во Бугарија, за да може да се забрза процесот на идентификација на жртвите.
Тој вчера ги посети повредените што се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија, по што дополни дека во македонската амбасада во Софија се испратени двајца искусни дипломати конзуларци, кои треба да им помогнат на роднините на настраданите за добивање на потребните информации.
Османи уште додаде дека бугарските институции ја започнале истрагата во врска со автобуската несреќа, а по ДНК-идентификацијата на телата тие веднаш ќе бидат испратени во Македонија.
– Откако ќе се изврши идентификацијата, ќе го организираме транспортот. Сè ќе зависи од тоа колку динамично, како ќе функционира институтот овде. Се надевам и верувам дека тоа е приоритет на институтот – рече Османи.


Седницата на бугарската влада започна со едноминутен молк

Седницата на преодната влада на Бугарија вчера започна со едноминутно молчење.
Техничкиот премиер Стефан Јанев соопшти дека ова е денот кога се сеќаваме на жртвите – девет бугарски државјани што загинаа во пожарот во домот за стари лица во селото Ројак, Варна, и државјаните на Република Северна Македонија, кои загинаа во автобуската несреќа на автопатот Струма.
– Во време на тешкотија, да го изразиме нашето сочувство за членовите на семејствата и роднините на жртвите – кажа Јанев.
Знамињата на државните институции, вклучувајќи и пред зградата на Советот на министри на Бугарија, се спуштени на половина копје.


Бочварски: Истрагата ќе покаже каде се пропустите

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека ова министерство стои на располагање да ги даде сите потребни сознанија што ги има, а кои би биле во интерес на истрагата што ја водат бугарските обвинители во координација со македонските.
– Министерството и во овој момент работи и ги врши своите обврски во делот на патниот сектор. Имаме сектор за патен сообраќај што јас го надградувам постојано, каде што луѓето имаат обемна работа. Ние го вршиме административниот дел во однос на целиот склоп на постапки во делот на патниот превоз, односно им издаваме лиценци на транспортните компании – рече Бочварски.
Тој вели дека надзорот и контролата на јавниот превоз ги има Државниот инспекторат за транспорт и како министер нема ингеренции да се меша во нивната работа.
Министерот Бочварски уште додаде дека во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, откако било утврдено дека опожарениот автобус го немало во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.