Политичките аналитичари предвидуваат повеќе можни сценарија за комбинаториките за состав на новата влада, од широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, која би ја оставила ДУИ во опозиција, преку малцинска влада, па до можноста за ротирачки премиер. Во политичката теорија и практика секоја од мноштвото опции е можна и изводлива, но секоја има и своја цена на чинење по државата и граѓаните
Тесниот изборен резултат меѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и разликата од само двајца пратеници, отвори многу теоретски математички комбинаторики за составот на новата влада, а процесот на нејзино формирање го прави исклучително комплициран.
Валканата предизборна кампања што ја водеа партиите се чини дека брзо се заборави, а партиските лидери сега се многу поумерени во изјавите за идните можни коалициски партнери, не сакајќи да ја поткопаат сопствената преговарачка позиција.
ЕУ јасно стави до знаење дека очекува соработка со стабилна владина коалиција, така што сега сите заложби се да се формира стабилна и функционална влада.
– Со нетрпение очекуваме да работиме со силен парламент и стабилна владина коалиција, кои треба да испорачаат резултати во однос на стратегиската цел на земјата за интеграција во ЕУ и да одговорат на очекувањата на граѓаните. Посветени сме да продолжиме заеднички да одговараме на пандемијата на ковид-19 и на последиците од неа – порачаа во заедничката изјава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеи.
Според неофицијалните изборни резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден.
Ваквите бројки отвораат неколку можности за формирање стабилна влада, а тоа ќе зависи од математичките комбинации, поточно кој прв ќе обезбеди 61 пратеник во Собранието.
Теоретски најстабилна влада во моментот секако би била влада на таканаречена широка коалиција, во која би партиципирале и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните коалициски партнери, но и партии од албанскиот блок, кои не би тргнувале од позиција на уцена како ДУИ, која оди дотаму што коалицирањето го условува со барањето за премиер Албанец.
Широка влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ составена од партии во кои има припадници од сите етникуми, полесно би ги носела законите за кои е потребен консензус, поефикасно би работела врз спроведувањето на реформите, а истовремено и би била помоќна во преговорите со ЕУ.
Во пресрет на изборите, лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, си понудија пратеници за да ги избегнат уцените на ДУИ, но по изборите Мицкоски беше категоричен дека нема намера да коалицира со СДСМ.
Според политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, можни се четири сценарија за состав на Владата, но убедливо најверојатно е она во кое СДСМ и ДУИ сами ќе формираат влада.
– Дали ќе се оствари тоа, ќе видиме, ама верувам дека тие први ќе ги почнат преговорите меѓу себе. Не значи дека во преговорите ќе се усогласуваат ставовите, ќе се пеглаат разликите и не значи дека ќе се прифати сè што другата страна бара. ДУИ нема толку лесно да се откаже од идејата за премиер Албанец, но за сметка на тоа мислам дека ќе има многу други услови и барања, така што ќе биде интересен период, но верувам дека токму СДСМ и ДУИ ќе ги водат првичните преговори за состав на новата влада. Ако тоа не успее, другата опција е СДСМ со Алијансата, тие веројатно побрзо ќе се разберат, но им недостигаат уште три гласа, кои може да се обезбедат од Левица и од ДПА, но тоа е веќе покомплицирана структура и таму има јасни индикации дека не сите сакаат да бидат во таква коалиција – нагласува Кржаловски.
Една од опциите, според Кржаловски, е ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи таа нова влада иако нема да биде дел од неа, поточно да гласа за состав на таа нова влада, која може да биде и малцинска со 58 или 59 пратеници.
За него малку е веројатна голема коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со Алијанса и Алтернатива, која може да обезбеди подолгорочна стабилност.
Кржаловски смета дека доколку ниту едно од овие четири сценарија не се реализира, можно е да бидат распишани и нови парламентарни избори, иако, како што вели, никој не го посакува тоа.
– Партиите ќе се потрудат колку и да трае тоа да направат нова влада, па можеби таа и да не трае многу односно една година, па со локалните избори да има нови предвремени избори. Не знам што би се постигнало со новите избори, но јас претпочитам самите партии да се потрудат да состават влада со ваквите резултати – порачува Кржаловски.
Од друга страна, за политичкиот аналитичар Јове Кекеновски се можни две сценарија за составот на новата влада.
– Првото сценарио би било формирање широка владина коалиција во која би влегле поголемите партии, со исклучок на Левица – вели Кекеновски.
Тој додава дека второто сценарио би било поверојатно.
– Второто сценарио предвидува СДСМ и ДУИ да ја смират реториката и веќе има такви најави, а на нивната коалиција да се приклучи и ДПА, со што би имале 62 пратеника. Евентуално, за да се задоволи барањето на ДУИ, би можело да има ротирачки премиер, односно првите две години да биде Заев, а потоа кандидат на ДУИ, но во меѓувреме можат да се случат и предвремени избори – смета Кекеновски.