Сирењето може да се користи како мамка во парчиња, ситно изрендан или, пак, да се купи ситен како пармезан, тоа има силна арома, мрснотија, кои ѝ помагаат на рибата да го пронајде мамката

Сирењето како мамка дава најдобри резултати кога водата е топла, а особено наесен. Претежно се цели на ловот на мрена, но на сирењето тешко му одолеваат и кленот, крапот, скобалот и други видови риби.

Можно е да се лови на сите видови сирење, но се смета дека најдобро сирење за лов е „гауда“, „ементалер“, потоа растителните видови сирења итн. Сирењата што влечат на жолта боја се покажале поуспешни отколку оние со бела боја. Сирењето може да се користи како мамка во парчиња, ситно изрендан или, пак, да се купи ситен како пармезан, тоа има силна арома, мрснотија, кои ѝ помагаат на рибата да ја пронајде мамката.

Оваа мамка е употреблива во лов на длабински системи, но може да се користи и при лов на тапа, иако предност, сепак, му се дава на длабинскиот метод, каде што струењата се посилни.

Со додавање исечкани глисти, црви, разни ларви и слично, дополнително се зголемуваат шансите за подобри резултати при риболовот. За мамка се користи сирење во коцки, но никако меки сирења, за да не се откачат од јадиците при риболовот.

Претежно се со големина 1х1 см, но можат да бидат и до 2,5 см, во зависност какви риби очекува рибарот. Најдобро е подготвениот систем да се остави на сонце неколку минути, за сирењето да пушти мрснотија, а дури потоа да се фрли во водата.
Марката на сирењето е битна, а некои риболовци се држат до онаа старата поговорка „колку повеќе смрди толку подобро за рибата“, иако тоа и не успева во секоја ситуација.


Ловџијата и нeговиот престој во ловиштето

Ловџијата е лично и морално одговорен за своите постапки, треба да лови правилно и притоа секогаш да се контролира себеси

Ловџијата во природата и во ловиштето треба да се движи на начин со кој нема да го вознемирува дивечот. Движењето, задржувањето и престојот на ловџијата во природата и во ловиштето не смеат да ѝ наштетат на природата. Тој води сметка за движењето во ловиштето, растојанието од другите ловџии и правецот на пукање.
Ловџијата не смее да се согласи, дозволи или да учествува во малтретирањето или некое друго нечовечко однесување кон дивечот и другите животни во природата. Почитувајќи го ова правило, ловџијата треба да го спречи секој понижувачки однос кон живиот или мртвиот дивеч. Во ловот, каде што ловџијата се двоуми за некоја одлука дали е правилна, секогаш треба да се реши таа биде во корист на дивечот.
Ловџијата со целосна лична одговорност ракува со ловечкото оружје и притоа за лов користи муниција пропишана со закон. Понатаму, пред секој истрел, тој мора со многу одговорност да пресуди за оправданоста на својот истрелан куршум и никогаш да не пука ако видикот не е чист. Ловџијата не смее да улови повеќе дивеч од дозволениот број впишан во дозволата за лов.
Во ловот, ловџијата е лично и морално одговорен за своите постапки, треба да лови правилно и притоа секогаш да се контролира себеси.


Кога срните ги отфрлаат своите рогови…

Секоја година кон крајот на есента, поточно во ноември и декември, во зависност од климатските услови и од надморската височина, во ловиштата повозрасните срни почнуваат да ги отфрлаат роговите од себе.
Отфрлените рогови на срните се тешко воочливи, а во потрага за минерали, дивите свињи и глодачи, роговите многу брзо ќе ги изедат. Затоа е вистински предизвик за секој ловџија да пронајде отпаднати рогови во ловиштата, кои обично ги има во големите пластови на паднатото лисје.
Многу малку од отфрлените рогови на срните може да се најдат во ловиштата и тие рогови во најголема мера се употребуваат во изработката на ловечки сувенири и слично.