Моделите се на некој начин дури и подобри од вистинските кучиња

Имањето соодветно медицинско знаење буквално претставува прашање на живот или смрт. Хирурзите не смеат да згрешат, затоа што нивните грешки можат да завршат фатално по животот на пациентот. Во нивната работа не постои почнување од почеток и исправка на грешката. Од друга страна, за да се усовршат, младите хирурзи мораат да го прават тоа преку постојана практика. Од таа причина хирурзите со години ги усовршуваат своите вештини на мртви тела. Ветеринарите, од друга страна, го применуваат овој метод, но имаат практика да оперираат и на живи животни.

Ветеринарните капацитети за обука, кои се познати како лаборатории за терминална хирургија, често ги учат идните ветеринари преку оперирање на живи животни, под дејство на анестезија, кои инаку би биле еутаназирани во засолништата. Испитните животни веднаш по операциите се еутаназираат. Компанијата наречена „СинДавер лабс“ се надева дека ќе ѝ стави крај на таквата практика преку создавање високософистицирани синтетички кучиња на кои ветеринарите ќе можат да се учат.

Создавањето синтетичко тело или вештачки труп како реплика за тренирање или тестирање е најдобро познато по телевизиските серии, како „Грејс анатоми“, „Шарк тенк“ и „Митбастерс“. Користејќи уникатна мешавина од влакна, сол и вода, „СинДавер лабс“ може да ги реплицира мускулите, кожата, масното ткиво, коските, зглобовите, лигаментите и сите внатрешни органи. Компанијата остварила соработка со колеџот за ветеринарна медицина на Универзитетот во Флорида (УФ), за да се осигури дека репликата ќе соодветствува на вистинскиот модел на куче. Студентите ќе научат како да вршат трахеотомии, цистектомии, интубации, интестинални операции и разни други операции.

– Репликите претставуваат многу сложен систем, кој го имитира секој дел од животното, со нив ќе можете да направите многу различни работи. Ветеринарите ќе можат да се обучуваат во хирургија на мозокот без ризик за животот на кучето – вели д-р Кристофер Сакезлес, основач и извршен директор на „СинДавер лабс“.

Зошто се толку потребни синтетичките кучиња? Универзитетската болница за животни „Корнел“ има тенденција да презема проблематични случаи. Тие често добиваат животни со високоризични ситуации за оперирање од други ветеринарни установи.


– Нашите случаи имаат тенденција да бидат комплицирани, случаи што општите ветеринари не се чувствуваат удобно да ги преземат. Тие не се само сложени, туку пациентите често се нестабилни. Под нестабилни случаи се мисли на тоа дека животното не смее да се чува под анестезија подолго време отколку што е неопходно.

Обидувањето да се задржи краткото анестезиско време, во комбинација со хирург почетник, се две меѓусебно некомпатибилни цели – вели Галина Хејс, асистент-професор во делот на малата хирургија на животните на универзитетскиот колеџ за ветеринарна медицина „Корнел“.

Со други зборови, оваа болница не е идеално место за младите ветеринарни студенти што сакаат да добијат практично искуство за учење на основните вештини. Така, потребата за синтетички трупци всушност е подобра опција отколку вистинските трупци на кучиња.

– Штом ќе умре куче или човек, цревата почнуваат да се деградираат, а со тоа и можноста да се зашијат. Цревата или ткивото стануваат како хартија. Тоа не се единствените проблеми што произлегуваат при работа со вистински трупови. Тие треба да се одмрзнуваат три дена пред да се користат – вели Галина Хејс.
Компанијата создаде 1.000 синтетички кучиња, со што обезбеди по 20 за 49-те акредитирани ветеринарни училишта во светот. Сакезлес вели за „Хауставоркс“ дека на овој начин ќе се стави крај на употребата на живи кучиња во ветеринарната обука.

[email protected]