Синдикатот на културата (СКРМ) упати своја реакција во јавноста на одлуката на Министерството за култура очекуваната нивелација на платите да биде спроведена по завршувањето на претседателскиот изборен процес, наедно напоменувајќи дека институциите во културата за ова биле информирани преку електронска пошта.
– И покрај тоа што синдикатот како иницијатор на нивелацијата има разбирање за одредбите од Изборниот законик со кои се стопираат сите одлуки со финансиски импликации за време на изборите, мораме да го изразиме нашето разочарување и револт затоа што вработените во културата и понатаму остануваат заложници на општествено-политичките состојби во државата, заборавени и затрупани преку глава со наталожени проблеми. Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Нивелацијата не значи покачување плати, туку исправање на неправда со законска основа – стои во соопштението на СКРМ.
Во оваа пригода е напоменато дека Синдикатот на културата имал разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, таа да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што неговите членови биле свесни дека следуваат избори.
– Дали свесно Министерството за култура украде еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена. За тоа време, Советот на СКРМ ќе одлучи како ќе реагира на одложувањето и ќе постави услови за динамиката на решавање на сите проблеми во културата и во тие услови нема да има ни грам толеранција, ни минута доцнење, ниту разбирање. Штом Министерството за култура нема разбирање за нашите проблеми, културните работници и уметници нема да имаат разбирање за нивните изговори – укажа Советот на СКРМ.