Во скопската населба Карпош во тек е снимањето на детската телевизиска серија „Зоки Поки“, по мотивите на истоимената книга на македонска писателка Оливера Николова.
Првата клапа падна во основното училиште „Петар Поп-Арсов“. Серијата е во продукција на „Кино око“, а главен продуцент е Роберт Насков.
– По повеќемесечни подготовки, конечно дојдовме до највозбудливиот дел – снимањето. Целата екипа е многу среќна што работи на оваа серија. Прекрасно е да се работи со деца. Верувам дека ќе направиме серија што ќе ја сакаат децата, но и родителите – вели Роберт Насков.
Режисерот Александар Поповски верува дека спојот на она што го наследила неговата генерација од генерацијата на своите родители ќе успее да им го пренесе и на сегашните деца.
– Зоки Поки, покрај забавен карактер, носи и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик, мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма – изјави Александар Поповски, еден од режисерите на серијалот.
ТВ-серијата за најпознатиот македонски детски лик, освен Поповски, ја режираат и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Предвидено е снимање на десет епизоди според внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.
„Зоки Поки“ е прв заеднички проект на Поповски и Насков, по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ-проект на Насков и „Кино око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ-серија снимена според странска лиценца.
Кастингот за новите детски ѕвезди се одржа во мај и беше исклучително популарен – се пријавија повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина. Од продукцијата велат дека имале тежок предизвик пред себе, но на крајот се задоволни од направениот избор, а јавноста дополнително ќе ја информираат за актерите што ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите други.
– Денешниот Зоки Поки ќе биде соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат – велат од „Кино око“.
Снимањето на десетте епизоди на „Зоки Поки“ ќе трае до 13 септември на повеќе локации во Скопје.