Уругвајците го кренаа трофејот „Жил Риме“ како светски прваци на првото СП во 1930 година, спортски подвиг со кој се гордее земјата. Стадионот „Сентенарио“ оттогаш стана икона на уругвајскиот и на светскиот фудбал. Во 1983 година, ФИФА го прогласи за историски споменик на светскиот фудбал
Стадионот „Сентанарио“ во Монтевидео, Уругвај, главното место на инаугуративното Светско првенство (СП) во фудбал, наполни 90 години (отворен е на 18 јули 1930 година). Легендата вели дека кога крилниот напаѓач на Уругвај, Педро Сеа, на 18 јули 1930 година пристигнал на „Сентанарио“ на почетниот натпревар на неговата репрезентација против селекцијата на Перу едвај можел да им верува на очите.
– Момци, ние едноставно мора да победиме на овој турнир, без разлика на сѐ. Во најмала рака, нашите сонародници заслужуваат да го освоиме пехарот поради сите напори што ги вложија во градењето на ова чудо – им рекол двојниот олимписки шампион во фудбал на своите соиграчи од репрезентацијата.
Дванаесет дена подоцна, Уругвајците го кренаа трофејот на Жил Риме, спортски подвиг со кој се гордее земјата. Стадионот оттогаш стана икона на уругвајскиот и на светскиот фудбал.
Во 1983 година, Светската фудбалска федерација (ФИФА) го прогласи за историски споменик на светскиот фудбал, чест што оттогаш никој друг не ја добил.
Дизајнот на стадионот во форма на длабок сад, чинија, е на уругвајскиот архитект Хуан Сакасо, со четири посебни трибини, различно од тогаш типичните четириаголни англиски стадиони во тоа време.
Камен-темелникот бил поставен на 21 јули 1929 година, два месеца откако Уругвај ја доби организацијата на Мундијалот. За да се заштедат време и пари, една од трибините се потпирала врз падината, а теренот бил под нивото на улицата.
Работата на бетонската структура почнала на 1 февруари 1930 година, пет месеци пред да почетокот на турнирот, со вкупно 1.100 работници кои работеле во три смени дневно за да се испочитува крајниот рок, 13 јули. Но обилниот дожд ги спречил во тоа, така што шест од 18-те натпревари на турнирот на тоа СП морале да се одиграат на два други стадиона.
Стадионот свечено е отворен на 18 јули 1930 година, на 100-годишнината од усвојувањето на Уставот на Уругвај, пред 57.735 гледачи на првиот натпревар на Светското првенство во 1930 година, на кој Уругвај го победи Перу со 1-0. Уругвајците сите четири натпревари на тој прв планетарен шампионат ги одиграле на „Сентенарио“. Најважната од тие победи била во финалето против Аргентина, со 4-2 и освојувањето на првата титула светски шампион.
Трибините зад головите биле именувани Коломб и Амстердам, како почит на париското предградие каде што Уругвајците го освоија првото олимписко фудбалско злато во 1924 година и на градот каде го што го освоија второто злато во 1928 година.
Другите две трибини биле наречени Олимпика, над која имало и кула, и Америка, што ќе се покаже како соодветно со оглед на успесите што подоцна ќе ги забележи Уругвај во Копа Америка.
Тогашниот претседател на ФИФА, Жил Риме, бил импресиониран од „Сентанарио“.
– Никогаш не сум видел ваков комплетен објект како овој. Постојат поголеми стадиони во светот, но тие се домаќини на секакви спортови. Мислам дека не е претерано да кажам дека ова е прв ваков објект на светот изграден исклучиво за фудбал – рекол тој.
Уругвај ретко губи на славниот стадион
Процентот на освоени бодови на фудбалската репрезентација на Уругвај на натпреварите во Копа Америка, играни на стадионот „Сентенарио“, е 94,7, односно се забележани 69 победи, шест ремија, без ниту еден пораз, на 75 натпревари.
Благодарение на таквиот биланс, Уругвајците триумфираа на четири турнири Копа Америка на кои беа домаќини, во 1942, 1956, 1967 и во 1995 година.
Во квалификациите за светските првенства процентот на освоени бодови на селекцијата на Уругвај е 72,37. На 76 натпревари Уругвај забележал 49 победи, 18 ремија и девет порази.
Само победи Уругвај забележа на СП 1930 и на т.н. Мундијалито во 1981 година (играа сите дотогашни светски шампиони на мини-турнир, само на местото на Англија настапи Холандија), вкупно пет меча, пет победи.
На „Сентенарио“ се одиграни 409 натпревари во Копа Либертадорес, повеќе од на кој било друг стадион. Дваесет од тие 409 натпревари биле финални.
Во 1960 година, на „Сентенарио“ се одиграл првиот натпревар во Интерконтиненталниот куп, Пењарол – Реал Мадрид (0-0), претходникот на клупското СП на ФИФА.
Од отворањето на стадионот, двата клуба од Монтевидео, Пењарол и Насионал речиси сите дерби-средби во уругвајскиот „класико“ ги одиграле таму.