Фото: Мартин Јачевски

Разликата меѓу албино и белата мачка најлесно се забележува по бојата на очите

Бојата е еден од главните критериуми при изборот на домашен миленик, но за некои од нив се поврзани голем број предрасуди. На пример, дека сите бели мачки се глуви, а црните носат несреќа и слично.
Се проценува дека во светот има околу 600 милиони мачки, вклучувајќи ги бездомните и дивите. Светската статистика вели дека постојат 73 вида мачки, а врз основа на бојата се разликуваат 36 вида. Најретки се оние со боја на чад, чоколада, лаванда, со темносива боја… Статистиката вели дека најретко се удомуваат црни, бели и портокалови мачки. Се верува дека токму портокаловите се најагресивни. Белите најчесто се глуви, особено ако имаат сини очи. А црните носат лоша среќа.
Има различни мислења и истражувања на оваа тема, па неодамна е направено испитување на универзитетот „Калифорнија Дејвис“ за да се утврди дали постои поврзаност меѓу бојата и агресивноста на мачката. Според добиените резултати, портокаловите и шарените мачки се најагресивни и најсклони кон гребење и кон касање.

Народните преданија велат и дека тробојните мачки односно црно-бело-жолтите се секогаш женки. Но тоа не е точно, има и мажјаци, само најчесто тие се стерилни. Според статистиките само еден во 3.000 е мажјак.
И бојата на очите на мачките варира. Најчесто тоа е златна, зелена и жолто-портокалова. И ова е плодна почва за многубројни предрасуди. Се смета дека мачките со различна боја на очите се родени глуви. Што не е точно, бидејќи околу 70 отсто од нив слушаат. Но точно е дека мачките со едно или со две сини очи, имаат генетски предиспозиции да бидат глуви, но тоа не важи за сите.

А кога станува збор за белите мачки, многумина сметаат дека сите се албино. Но постојат различни видови. Меланинот им дава боја на очите, кожата и на крзното на мачките, па неговото отсуство ги создава албино-мачките, кои поради недостигот од меланин се многу чувствителни на светлина. Затоа им се препорачува на сопствениците да не ги изложуваат ваквите мачки на сонце.
Разликата меѓу албино-мачката и белата мачка најлесно се забележува по бојата на очите. Белите имаат различна боја на очите, на пример едното е зелено, а другото сино. Додека очите на албино-мачките се со светлосина боја, поради недостиг од пигментација. И бојата на крзното на белата мачка е бела како снег, а на албино поради тоа што ја загубила својата основна боја има одредени нијанси, одблесок на бојата што требало да ја има.


Белите мачки со сини очи најчесто се глуви

Мачките имаат многу сложен и прецизен слух, па го откриваат и најмалото движење направен во нивната близина. Чувствителноста на слухот, како и кај луѓето се намалува со текот на годините. Кога станува збор за доминантно бели мачки, тие може да имаат сини, портокалови, зелени, па дури и различни очи. Оние со сини очи имаат големи шанси да бидат глуви. Мачките со едно сино око може да бидат глуви на страната каде што им е синото око. А оние со портокалово-жолтеникави очи имаат многу мала веројатност да не слушаат.
– Пет проценти од вкупната мачешка популација се бели мачки.
– Од 15 до 40 отсто од белите мачки имаат едно или две сини очи.
– Од овие бели мачки со едно или со двете сини очи, 60-80 проценти се глуви и 20-40 отсто имаат нормален слух.
– Од 60 до 85 проценти имаат очи во други бои (портокалова, зелена). Од овие бели мачки, кои имаат боја на очите различна од сината, 10-20 проценти се глуви и 80 – 90 отсто имаат нормален слух.
– Белите мачки што не слушаат, со едно или со двете сини очи, сочинуваат 0,25 – 1,5 отсто од вкупната популација мачки.