Наставник на годината за 2017/2018 година: Лидија Михајловска (5)
Во овој број ви ја претставуваме м-р Лидија Михајловска, педагог во ОСТУ ,,Наце Буѓони“ во Куманово.
– Почестена сум што сум една од добитниците на престижната награда „Просветен работник на годината“ за 2018 година. Потекнувам од семејство на просветни работници, ценети и почитувани во своите работни средини и во градот. Токму ним им ја должам мојата љубов и посветеноста кон педагошката дејност. Тие ме научија да ја сакам работата со учениците и колегите, да почитувам сечие мислење, да бидам алтруист, но и да бидам објективна и непристрасна. Оптимистка сум по природа и секогаш го пронаоѓам и истакнувам најдоброто кај другите. Кон проблемите и конфликтите имам конструктивен приод и ги гледам како начин да се подобрат односите помеѓу конфронтираните страни, во преден план ставајќи ги заедничките интереси и потребите на секој од нив – вели Михајловска.
Таа 25 години работела како професорка во редовна настава и во специјални паралелки за деца со посебни потреби. Потоа станала училиштен педагог во основно, па во средно образование, во училиштето во кое работи и денес.
– Не би можела да го достигнам ова ниво без соработката со моите колешки и колеги од стручната служба и наставниците, со кои рамо до рамо градиме училишна клима и култура во која личностите ќе бидат отворени за професионално и лично надградување. Од 2008 до 2017 година бев директорка на училиштето, кое е најголем мултиетнички средношколски центар во градот, со околу 2.000 ученици. Во тоа време се залагав за тимско работење, а вработените со задоволство да доаѓаат на работа, зашто тоа директно се рефлектира на успехот на училиштето. Само мотивиран и позитивен наставник може да предизвика интерес во креативното изразување и знаење. Во 2010 година училиштето ја доби Ноемвриската награда на Куманово за особени резултати во воспитно-образовната работа – истакна таа.
Михајловска особено внимание посветува на афирмација на училиштето, кое важи за најатрактивно средно училиште и регионален центар за едукација на возрасни.
– За таа цел особено ми помогнаа обуките и лиценците што ги стекнав преку неформално образование за медијатор, кообучувач за медијација и обучувач за едукатори за возрасни, ментор на директори почетници, како и моите мастер-студии за бизнис-администрација. Извесно време поминав и како едукатор на ученици и возрасни во НВО-секторот. Во текот на работата учествував во многу работни групи за подобрување на квалитетот на образованието, бев активен член на претседателството на Здружението на наставниците и директорите на ЕМУЦ на Македонија, член на работната група за изработка на стратегија за образование на општината Куманово и член на Сојузот на просветни работници на Македонија – ни рече Лидија Михајловска. Ф.Д.