Ако дојдеш во Прељубје, а не го видиш стариот даб и не починеш под неговата ладовина, значи не си видел ништо, велат жителите на селото, кои се погрижија нивниот симбол уште долго да го краси ова место

Убавата, питома и сѐ уште неистражена Преспа, кога и да ја посетите, секогаш ви раскажува некоја нова приказна. Чистиот воздух, негибнатата природа, единствениот поглед на Преспанско Езеро и остатоците од минатото и традицијата тука ќе ги најдете во изобилство. Гостопримливите жители во секој миг се подготвени да ви ги откријат своите скришни места, а едно од нив секако е манастирот „Свети Илија“, над селото Прељубје, кое лежи над северниот дел на езерото, на надморска височина до 900 метри, кој веќе седум века го чува стариот даб, симболот на ова место.

Оттука можат да се видат три држави: Македонија, Албанија и Грција.
Всушност, ова село можеби е и најмалото во Македонија, бидејќи има само осум куќи и десетина жители. Кметот на селото, Никола Кузмановски, кој е голем вљубеник во природата, но и во традицијата на овој крај, ни се пофали дека од манастирот може да се види 80 проценти од целото Преспанско Езеро.

– Дабот е душата и чувар на ова место, кое зрачи со позитивна енергија и ни подарува величествена глетка. Од една страна се синее езерото, а на другата се гледаат и Галичица и Пелистер. Како што ни раскажуваа нашите дедовци и прадедовци, дрвото е тука од памтивек. Пред три години, кога почнавме да ги градиме конаците на манастирот, направивме бетонска потпора за стеблото, бидејќи речиси половината беше суво и навалено. Откако ја саниравме оваа „повреда“, дабот почна да заздравува и сега речиси 90 отсто е раззеленет. Веднаш до него направивме и чешма, за освежување на сите добронамерници, но и за негово наводнување. Неколкупати досега доаѓале и дендролози од Скопје, да го измерат и попрецизно да ја откријат неговата старост, која е приближно 700 години. Ветија дека и ќе го заштитат, но засега ништо од тоа. Затоа самите жители на Прељубје се погрижија нивниот симбол, вековното дрво уште долго да го краси ова место, бидејќи без дабот ова би била само обична црква, како и многу други во околината. Ако дојдеш во Прељубје, а не го видиш стариот даб и не починеш под неговата ладовина, значи не си видел ништо – раскажува Никола.

Тој ни откри дека обновувањето на црквата „Свети Илија“ завршило во 1999 година, а нејзин ктитор е Пеце Ѓурковски (65), кој потекнува од ова село, но веќе 45 години живее и работи во Франкфурт, Германија.

– Најсреќен сум кога се подготвувам да дојдам за Илинден во родниот крај и традиционално да донирам за подготовките на вечера во манастирот за сите добредојдени гости, спроти нашиот најголем македонски празник. На самиот ден ручек дава кумот, кој се избира секоја година. Два дена тука народот се собира за да му оддаде почит на светецот, да се провесели, да се напие чашка ракија, да се испее некоја убава патриотска песна, да се заигра македонско оро. Но ова место би било пусто без седумвековниот даб, кој ги чува сите спомени, уште од времето кога црквата беше подигната, па урната и само неколку камења беа сведоци дека постоела. Но ние доаѓавме тука уште како деца, палевме свеќи, се лулавме на лулашките заврзани на големиот даб и мечтаевме за животот – раскажува со многу емоции Пеце.
Вели дека тогаш не ни сонувал дека токму тој повторно ќе ја изгради црквата, која сега го краси ова место.

– Кога почнав не се плашев, знаев дека ниедна црква досега што почнала да се гради не останала недовршена, божја работа е тоа. Овде имаше црква изгорена од Турците пред 180 години, а јас во 1990-тите години почнав да го расчистувам теренот. Еве, сега трчам да најдам спонзори за конаците и среќен сум што уште има добри и дарежливи луѓе, кои помагаат од срце. Веќе сме при крај и наскоро верувам дека ова место ќе биде полно со туристи, но и со оние што се родени овде, кои се раселиле по светот како мене – открива Пеце.
А тука, во манастирот „Свети Илија“, доаѓаат луѓе не само да уживаат во крајоликот туку и да си го вратат својот духовен мир.

– Некои луѓе велат дека по престојот во црквата веќе не чувствуваат главоболка и побистри им се мислите. А голем број локалци раскажуваат дека го сонувале свети Илија како голем, силен човек од два метра, како шета околу манастирот. Додека сум жив ќе доаѓам тука и ќе давам вечера за свети Илија, ќе се грижам за црквата заедно со Никола, кој, верувам, ќе ме наследи. Заедно ќе направиме сѐ да се довршат конаците и убеден сум дека нема долго да чекаме на тоа – вели со насмевка Пеце.

 


Дрво со 16 корена

Никола Кузмановски, кој речиси секојдневно прави прошетки во околината на родното Прељубје, ни откри дека неодамна во шумата, меѓу неговото и селото Покрвеник, забележал уште еден уникатен даб, со 16 корена, кои висат надолу 5-6 метри за да допрат до земјата, најверојатно поради некој голем одрон. Токму затоа изгледа како дрвото да лебди во воздух.