ПО ПОВОД 77. РОДЕНДЕН НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДНЕВЕН ВЕСНИК

Кога денот почнува во ранина, со будењето на првата утринска светлина, и успевате да го доживеете „синиот час“, моментот пред да бликне сонцето од над планините, тој добива поширока димензија.
Овој oктомвриски саботен ден, 30 октомври, го потрошивме во една маестрална цел, да им дадеме значење на историјата, минатото, сеќавањето на подвигот на партизаните, планината и дружбата, посетувајќи го историското Горно Врановци, каде што е отпечатен првиот број на весникот, по повод 77-годишната на „Нова Македонија“. Да потсетиме на петокраката, која за нас е идеал за совршено општество, за слободата на народот и порака за непроменливата величина на „Нова Македонија“. Со нашиот планинарски поход фрламе светлина над минатото и непобитноста на првиот македонски дневен весник, архетипот на македонското новинарство.
Во еден краток синопсис да потсетиме за смелиот подвиг на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат, во безусловни околности, до Горно Врановци, „бостонка“ на која е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“. Историја што претендираме да ја зачуваме, оти не смееме да ја заборавиме.
Во чест на круцијалниот партизански подвиг, планинарското друштво „Х2О“ годинава самоиницира планинарска тура, нагласувајќи ја битноста на првиот отпечатен број на „Нова Македонија“, на 77-от роденден на „Нова Македонија“.

Одисејата почна од родилиштето на весникот, селото Горно Врановци (650 мнв). Селото сега има педесетина куќи, над 300 жители, има четири музеи и тука е домот во кој бил склопен првиот број на „Нова Македонија“ од 8 страници. Се паркиравме кај некогашниот хотел во селото, кој сега стои само како споменик или потсетник, празен, но полн амбиции да го врати туризмот во селото. И оттука почнавме да ја совладуваме висинската разлика и да се движиме кон нашата крајна точка, врвот Кале, на 2.112 метри надморска височина.
Широкиот земјен пат се пополни со група од четириесетина лица. Нашиот главен водич Ирена Диков нѐ предводеше и ни го диктираше темпото. Како што се стеснуваше патеката, се збиваше колоната и синхронизирано газевме по малата угорница. Првата етапа од турата Врановци – Кале беше трасирана по шумски предели. Се движевме кон запад, по грмушест и нискостеблест предел, до Острика (812 м), постепено навлегуваме во густа букова шума до изворот Невестинец (1.373 м), преку Милевичка Река (1.572 м). Секако обединетите бои на есента ни го разубавија целиот впечаток на патеката. Зашеќерените шуми, заруменетите патеки, раскошниот пејзаж, симфонијата на шумот на лисјата под нозете овозможија наљубување во турата. И откако фино ги загреавме долните екстремитети и силно ја поттикнавме циркулацијата, следуваа сртот и Корунов Сек (1.700 м). Хоризонтот овде се отвора, а видикот сѐ повеќе се шири и отклучува нови димензии… Стрмнината се заострува, а целта е на повидок. Продолжуваме кон југ, по сртот, кон Кале, највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. Газиме по беспаќа пополнети со расфрлани грамадни карпи. По што следува ултимативното задоволство – врвот Кале, вгнезден во невчекорен природен рај на планинскиот масив Јакупица или Мокра Планина.

Ја запоседнавме камената тврдина, натопена со хипнотизирачки мир. Сместени во срцето на Македонија, ни се отвори прозорецот кон цела Македонија. Брилијантна панорама ни ги исполни очите. Им се препуштивме на планинскиот воздух и сонцето. Направивме резерви од серотонин и мелатонин. Ревитализирани, по истата патека, се вративме назад. Двојно вредеше секој чекор од поминатите 20 километри.
Штом се пуштивме во Горно Врановци, Емин нѐ пречека и ни го отклучи музејот на „Нова Македонија“, да ги видиме остатоците од „бостонката“, буквите што ја испишаа историјата на македонскиот идентитет, јазик, култура… За комплетно да ја заокружиме роденденската тура.
Сумирано во кратки цртки, турата помина во одлично роденденско расположение, во беспрекорен ред, благодарение на врвната организација на планинарското друштво „Х2О“. Ирена Диков, Христифор Саракинов, Томислав Кошиновски, Велимир Граоркоски, Дарко Трајковски, Златко Златко, Владимир Хари Крстевски, Кире Коцев ни беа суперводичи, кои нѐ држеа збиено и синергично.
Го имавме најмалиот осумгодишен член Коста Граоркоски, кој неуморно чекореше во ритам со линијата.

А ние, членовите на актуелната „Нова Македонија“, јас, Сања Јачевска, Ласте Димитриевски, Гоце Цветановски, Билјана Граоркоска, се чувствувавме како почесни гости на турата, но и домаќини во нашето Врановци, родното место на нашата „Нова Македонија“.
Со оваа за нас значајна тура, која претендира да стане традиционална, ја искористивме историјата како фактор за зближување, оддавање почит, чествување на еден битен датум како 29 октомври 1944 година. Направивме тура да ја одбраниме историјата, да ја потенцираме нејзината димензија и да потсетиме дека ја пишуваме сите ние заедно.
Со нашата тура само од високо го извикавме она што цел свет треба да го знае: „Да живеат Македонија и нашата единствена и незаменлива ‘Нова Македонија’“.