Сурово е што сајбер-насилството стигна и до оние што бараат вработување

Во „Нова Македонија“ пристигна материјал што идентификува ново поглавје на криминалитетот кај нас. Токму тој материјал открива „практикување“ на нови многу опасни форми на криминал во нашето секојдневие – сајбер-криминалот. Иако во криминологијата сајбер-криминалот е познат како феномен каде што се користат компјутерските (ИТ) технологии за злоупотреби и извршување кривични дела, како што се кражби, проневери, фалсификати и сл., овој пат откриваме случај на сајбер-насилство, кое како форма на криминалитет претставува многу сериозна опасност за граѓаните на нашата држава. За што, всушност, станува збор?

Во нашата редакција пристигна најпрвин имејл од млада личност, која ни испрати слики од конверзацијата при аплицирање за работа. Првиот впечаток е дека дел од содржината е исклучително недолична, агресивна и насилна, а специфичната тежина на ваквиот случај е уште поголема, затоа што злоупотребата се прави врз ранливи категории лица, оние без заштита и без работа.

– Драги медиуми, ве молам за внимание. Прочитајте сѐ што пишува во мејловите. Ова е пример што може да се случи кога фино и културно си аплицираш за работа, за на крајот да побараат да ги покажеш своите орални способности. Овој албум е јавен, може да се споделува слободно… Ова е класичен пример за интернет-насилство, злоупотреба на податоци, нарушување на приватноста и слободата. За да не се залажат други да аплицираат во таа фирма, ве замолувам оваа вест да се сподели на вашите портали и фејсбук-профили – се наведува во јавниот имејл на девојката.
(линкот на кој може да се прочита целата содржина од разговорот https://www.facebook.com/martina.sambolec/media_set?set=a.2382014578552105&type=3)

При разговор со неа, таа нагласува дека го пријавила тоа и дека притоа од полицијата ѝ е кажано дека е петнаесетта што алармира за истиот случај. Ова само е потврда дека вакви нешта реално се случуваат и постојат и во Македонија, но дека ретко јавно се обелоденуваат.

Од Министерството за внатрешни работи добивме информација дека констатирале дека станува збор за „лажен оглас за вработување и можност за злоупотреба на лични податоци“. Притоа, во рамките на изјавата поврзана со истрагата на надлежните служби, се истакнува дека „имејлот во кој има елементи на сторено дело сајбер-криминал, има голема веројатност дека не припаѓа на лицето што е пријавено“.

– Секторот за компјутерски криминал постапува по добиени пријави од физички и правни лица за основано сомнение за сторено кривично дело предвидено во кривичниот закон. Најзастапени пријави се кривичните дела: злоупотреба на лични податоци, загрозување на сигурноста, навлегување во компјутерски систем, ширење ксенофобичен и расистички материјал преку компјутерски систем – говор на омраза, како и злоупотреби на платежни картички на интернет, интернет-измами како и детска порнографија. По добивањето на пријавата, од наша страна се документира случајот и се известува надлежното обвинителство за преземање понатамошни мерки и активности за лоцирање и утврдување на идентитетот на осомничениот сторител на кривичното дело. Во случајот со лажниот оглас во име на директорот на фирмата „Еин-Софт“, се работи за кривично дело злоупотреба на лични податоци, по членот 149 од Кривичниот закон и истрагата за случајот е сѐ уште во тек и по нејзино завршување ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство – велат од МВР.

Во секој случај, апелот на загрозеното лице, пријавите на повеќе наши сограѓани, кои биле жртви на сајбер-криминал, како и предупредувањата на МВР и сѐ поинтензивниот нивен ангажман по споменатата основа, се доволна причина за апел до граѓаните на нашата држава да ги препознаат ваквите антисоцијални и криминални дејства, за што побрза реакција, а наедно и поефикасно справување со овој релативно нов облик на криминал.


Психолозите за интернет-насилството

Концептот за насилно однесување не е нов, но рапидниот раст на содржините на социјалните мрежи низ годините создадоа нов канал за негово дејствување. Психолозите истакнуваат дека со неколку притискања на тастатурата, кај личноста скриена зад некој профил мрачната страна многу полесно може да исплива на површина и таа да изврши криминално дејство.
– Најчесто принципот на кој насилството што се одвива преку интернет е следен. Насилникот добива дополнителна храброст, бидејќи не мора непосредно да се соочи со жртвата и често добива лажна претпоставка дека е целосно анонимен. Жртвата, пак, тешко е да дојде до израз, бидејќи на напаѓачот вообичаено му се приклучува одредена група луѓе што го поддржуваат или само сакаат да прават шеги на туѓа сметка, а не се свесни дека со самото тоа помагаат при ширењето омраза – вели психологот Јасмина Јонуз.
Но има и случаи кога вршењето интернет-насилство е во комбинација со злоупотреба на лични податоци, како што е претходно наведениот случај со младата личност.
– Сајбер-насилството може да зазема повеќе форми, затоа претставува реален проблем на денешницата. Затоа е потребно граѓаните да се внимателни при комуникацијата преку интернет поради големиот број разни злоупотреби и измами. А доколку некој е жртва на таков случај, треба веднаш да пријави во МВР или во просториите на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Исто така може да се пријави ваков проблем и преку службената и официјална е-адреса [email protected] – порачуваат од МВР.

[email protected]