Кардиохирургијата е, скромно кажано, круна на медицината, таа инволвира многу наука, висока технологија, комплементарни дисциплини. Таа ги третира најчестите и највиталните заболувања кај човекот и може да биде поддршка на многу други дисциплини во нивниот развиток. Не постои сериозен медицински факултет без универзитетска кардиохирургија, не постои сериозна држава без државна кардиохирургија. Таа има стратегиско значење за една држава – вели Јовев
Светот денес се соочува со голем број предизвици што ги нуди современата наука во многу области на животот. Во денешни услови значајни се постигнатите резултати во сите научни дисциплини чии придобивки го подобруваат човековиот живот и здравје. Нашава земја со малобројно население и скромен економски развој, на научен план бележи позитивни резултати, често изедначени со стандардите на западните земји и со стручњаци чии специјализации се на високо европско и светско ниво. Повод за една ваква надежна размисла полна со оптимизам се средбата и разговорот со проф. д-р Сашко Јовев, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по торакална хирургија, специјалист по кардиохирургија на Универзитетската клиника за кардиохирургија.
Што беше пресудно во вашиот живот за да се определите за студии на Медицинскиот факултет?
– Основно образование и гимназија завршив во родниот град Скопје. Со оглед на тоа што завршив во скопската гимназија „Корчагин“, како еден од првенците на генерацијата, дијапазонот на моето интересирање за студиите беше широк, но се одлучив за медицинските науки. Факултетот го завршив во Скопје, со висок просек, и веднаш бев примен како стручен соработник на Катедрата по хирургија. Од самиот почеток имав искрена желба да се занимавам со срцева хирургија, но бидејќи тогаш сѐ уште ја немаше на Медицинскиот факултет при универзитетот, почнав да волонтирам на најсродната хирургија, на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, каде што набргу бев примен на работа. Потоа почнав со специјализација по општа хирургија, а кога ја завршив, запишав супспецијализација по торакална хирургија. Четири години потоа, откако го положив супспецијалистичкиот испит по торакална хирургија, решив да продолжам со супспецијализација на Универзитетските кардиохируршки клиники во Франкфурт, Германија, потоа во Цирих, Швајцарија, Софија, Бугарија, и на крајот на Универзитетската клиника за кардиохирургија во Бер Шева, Израел. По полагањето на супспецијалистичкиот испит по кардиохирургија, го нострифицирав во Македонија. Во меѓувреме магистрирав и докторирав на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа бев избран за доцент и професор на нашиот факултет. Извесен период работев и на Универзитетската клиника за кардиохирургија во Безирк, Германија, потоа во Олденбург, Германија, и во Сабах Ал Ахмед, Кувајт. Добитник сум на стипендија од германската влада и стипендија од европското здружение за кардиоторакална хирургија за талентиран млад хирург за стручен труд. Автор сум на повеќе стручно-научни трудови и активно зборувам три јазици.
Работите на Универзитетската клиника на Медицинскиот факултет. Какво е нејзиното значење за Република Македонија?
– Многу години, многу труд и многу искрени напори беа потребни да ја отвориме Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Би рекол, усилбите за нејзиното отворање траеја речиси дваесет години, сѐ до вистинската реализација. Универзитетската клиника за Медицинскиот факултет, за универзитетот, за оваа држава и народ значи многу. Кардиохирургијата е, скромно кажано, круна на медицината, таа инволвира многу наука, висока технологија, комплементарни дисциплини.Таа ги третира најчестите и највиталните заболувања кај човекот и може да биде поддршка за многу други дисциплини во нивниот развиток. Не постои сериозен медицински факултет без универзитетска кардиохирургија, не постои сериозна држава без државна кардиохирургија. Таа има стратегиско значење за една држава. На крајот, се разбира, комплетно непрофитабилно ги третира најтешките заболувања и пациенти, оптоварени покрај основната срцева болест, со многу други, т.н. коморбидитети.
На кој степен на развој е македонската кардиохирургија во споредба со Европа и светот?
– Со целосно право и совест ќе кажам дека во моментов сме отидени многу напред, во чекор сме со западната медицина. Кај нас се работат од рутински секојдневни срцеви зафати до најсложени. Имаме добра опрема, но, се разбира, мора да одиме понатаму. Потребно е да воведеме неколку нови хибридни процедури, минимално инвазивни процедури, оддел за срцева слабост, со почеток на имплантација на т.н. асист дивајси и почеток на програмата на срцева трансплантација. Потребна ни е и т.н. хибридна сала, потребен ни е уште простор, неколку болнички соби и неколку анестезиолози за поддршка на нашиот тим. Со стручен кадар сме мошне добро екипирани. На клиниката сме тројца супспецијалисти по кардиохирургија, двајца супспецијалисти по васкуларна и ендоваскуларна хирургија, четворица специјализанти по кардиохирургија, тројца анестезиолози супспецијализирани за кардиоанестезија, еден специјализант по анестезија и еден специјалист интернист, супспецијализант по кардиологија и интензивна медицина. Потоа имаме двајца високообучени перфузионисти и повеќе високообучени сестри за интензивна нега, оддел, сала и анестезија. Тимот е едуциран во Загреб, Белград, Цирих итн., но, сепак, имаме реална потреба од уште два анестезиолога.
Каква е соработката со Министерството за здравство?
– Имаме успешна соработка со Министерството за здравство и поддршка во реализацијата на нашите заложби за успешна и ефикасна кардиохирургија по примерот на Западот и на светот. Се работи за реални, а исклучително потребни работи за нашиот универзитет, држава и народ. Ние сме сигурни дека во целост ќе ги оправдаме секоја поддршка и доверба. Прекрасно би било да се има нов и современ клинички центар, направен по сите модерни стандарди, со одличен пристап и сите клиники, институти и факултет интегрирани архитектонски и функционално во една целина. Искрено, таму го гледаме нашето место. На крајот, овој народ конечно го заслужува тоа.