Mедицински совет
Според неодамнешните резултати на едно научно истражување, една бессона ноќ е доволна за нарушување на менталното и физичкото здравје, а неколку дена неспиење едноподруго може дополнително да ги зголемат овие негативни влијанија.
– Континуираното неспиење се поврзува со намален интензитет на позитивни емоции, а зголемен на негативни и сериозни физички симптоми – вели Соми Ли, авторка на студијата, објавена во списанието „Аналс оф бихевиорал медисин“.
Возрасните треба да спијат најмалку седум часа ноќе, но секое трето лице не го прави тоа, според податоците на Американскиот центар за контрола и превенција од болести. Негативните ефекти на лошиот сон се зголемен ризик од кардиоваскуларни болести, дијабетес, дебелина и деменција.
Во рамките на истражувањето е направен дневник на спиење во траење од осум дена, кај 1.958 возрасни лица на средна возраст во САД. Анализата открила дека ако не спиеме само една ноќ, ќе се чувствуваме премалено и уморно, а ако не спиеме три ноќи едноподруго, ефектите ќе се засилат.