Повлекувањето од Договорот за нуклеарни оружја со среден дострел (ИНФ) ќе ги однесе САД чекор понапред, но многу чекори наназад во меѓународната безбедност
Договорот за нуклеарни оружја со среден дострел (ИНФ) општо се смета за едно од највисоките достигнувања за контрола на оружјето, со кој им се забранува на двете водечки светски сили да поседуваат цел арсенал нуклеарни оружја. Затоа, најавата на администрацијата на Доналд Трамп од крајот на 2018 година за можно повлекување од договорот ги зголеми стравувањата од нова трка за нуклеарно вооружување.
САД тврдат дека Русија го прекршила договорот со тоа што ги лансирала крстосувачките ракети „9М729“ од копнените лансирни рампи и Москва мора да ги испочитува одредбите до почетокот на февруари, затоа што во спротивно Вашингтон ќе го почне формалниот шестмесечен процес на повлекување.
Повлекувањето од договорот би било штетно за САД. Москва нема голема потреба од дополнителни нуклеарни капацитети. Сепак би имала добра корист да може слободно да ги употребува новите конвенционални ракети со копнено лансирање, процес за кој би се отворила вратата со повлекувањето од договорот ИНФ.
Сепак, малку се дискутираше за влијанието што пропаѓањето на договорот би можело да го има врз ненуклеарните оружени системи во Европа. Наспроти името, договорот не само што забранува копнено лансирање ракети со дострел меѓу 500 и 5.500 километри туку и ги елиминира сите видови ракети со краток, среден и просечен дострел на Вашингтон и на Москва, без разлика на боевите глави што ги носат. Од оваа причина, повлекувањето од договорот има сериозни краткорочни последици што ја надминуваат загриженоста за нуклеарното оружје.
Исто така, кога се потпишуваше договорот, не се сметаше за голем проблем тоа што со него се забранува копнено лансирање ракети со конвенционални боеви глави, затоа што таквите оружја генерално се сметаа за второстепени во однос на нуклеарните. Новиот потенцијал на прецизни оружја со зголемен досег им беше јасен на малкумина, како Николај Огарков, тогашен шеф на советскиот Генералштаб, кој во 1984-та изјави дека достапноста на таквите системи би можела „да предизвика сериозно зголемување (барем во однос на магнитудата) на деструктивниот потенцијал на конвенционалните оружја, со тоа што стануваа слични на оружјата за масовно уништување во однос на ефикасноста“. Сепак, ваквиот деструктивен потенцијал целосно се забележа во Заливската војна од 1990 и 1991 година, како и во акциите во поранешна Југославија, Авганистан, Ирак и Либија, кои само го потврдија ставот на поборниците за прецизни конвенционални напаѓачки системи, а „дипломатијата со томахавки“ влезе во лексиконот на американската надворешна политика.
Русија го измени ставот за прецизни оружја како дел од целосното модернизирање на вооружените сили на Москва. Како предмет на политиката, Русија им даде силен приоритет на конвенционалните стратегиски напади како замена за дел од мисиите што претходно беа дел од нуклеарните сили. Актуелната руска воена доктрина објавена во 2014 година вели дека Русија ги смета високопрецизните оружја за клучен елемент во стратегиската одбрана. Поконкретно, современата верзија на руската поморска доктрина објавена во 2017 година вели дека „со развојот на високопрецизни оружја, поморските сили имаат квалитативно нова цел, а тоа е уништувањето на непријателската војска и економскиот потенцијал со напад од море на клучните капацитети“.
Русија ја изедначи еволуцијата на воената стратегија на хартија со распоредувањето системи што можат да ги постигнат овие цели. На море, новите и модернизирани воени бродови и подморници сега се опремени со крстосувачки ракети за копнен напад со калибар 3М-14, со дострел од 1.500 до 2.500 километри. Воздушно, многу руски бомбардери од типот „форс ту-95 беар“ и „ту-160 блекџек“ беа опремени со крстосувачки ракети со воздушно лансирање „К-101“, кои имаат дострел од најмалку 2.500 километри. Овие два система се користеа против цели во Сирија. Дополнителните оружја воздух-копно за бомбардерите и тактичките борбени авиони, вклучувајќи ги „К-47М2 кинзал“ и „К-50“, се веќе внесени во употреба или се работи на нив.
Москва исто така распореди копнени оружја со висока прецизност, и тоа балистичките ракетни системи „9К729 искандер-м“ и крстосувачките „9М728 искандер-к“. Сепак, според договорот ИНФ, овие оружја сега се ограничени на стрелачки досег од 499 километри. Ова претставува голем недостиг за Русија. Американската морнарица и воздухопловни сили особено ќе му овозможат на НАТО да употреби широк арсенал на крстосувачки ракети што не се во границите на договорот ИНФ, затоа што се лансираат од бродови, подморници и авиони. Поради недостигот од ресурси на море или воздушно во Алијансата, единствениот начин за Русија да возврати на овој арсенал е да развие посмртоносни конвенционални ракети со копнено лансирање.
Прекршувањето на сегашните одредби од договорот ИНФ само ќе ги зголеми шансите за ваквиот развој. Иако договорот не ја спречи успешно во целост Русија да распореди оружја што ги прекршуваат одредбите, како што беше распоредувањето на крстосувачките ракети „9М729“, сепак само ограничен број од нив влегоа во употреба.