Руското министерство за одбрана го претстави најновото оружје со ласер, последното во серијата напредни офанзивни системи што Кремљ вети дека ќе ги воведе. Според руските власти, ласерскиот систем „Пересвет“, кој на 1 декември е пуштен во експериментална борбена фаза, може за една секунда да ја уништи целта. Станува збор за цели како што се воени авиони и проектили, пренесуваат светските медиуми.
Во текот на обраќањето до нацијата на 1 март, претседателот Владимир Путин претстави серија напредни вооружени системи, за кои порача дека руската армија ги развива. Меѓу нив беше и ласерскиот систем, како и подводниот нуклеарен дрон и крстосувачки проектил на нуклеарен погон.
– Постигнавме значаен успех во ласерските оружја. Тоа повеќе не е само концепт или план. Тој не е ниту во раните фази на производство. Од лани, нашите сили се вооружени со ласерско оружје. Ние сме еден чекор пред нашите ривали – порача Путин.
Заменик-министерот за одбрана Јури Борисов истакна дека системот може да уништува цели „за дел од секундата“.
– Можеме многу да зборуваме за ласерско оружје и филмови што се направени за него пред многу време, сите знаат за тоа. Но фактот дека овие системи се воведени во употреба е денешната реалност – додаде Борисов.
Според „Спутник“, најверојатно станува збор за противвоздушен одбранбен систем, кој може да следи и соборува непријателски авиони и проектили.