Официјалните лица во Русија имаат црна листа со имиња на познати хулигани што учествуваа во тепачки и правеа нереди на ЕП 2016 во Франција и им забранија да присуствуваат на СП

Руските власти ги „уверуваат“ навивачите, особено оние од Велика Британија, дека ќе бидат безбедни за време на финалниот турнир на Светското првенство (СП) во јуни и во јули годинава.
Официјалните лица имаат црна листа со имиња на познати хулигани што учествуваа во тепачки и правеа нереди на Европското првенство (ЕП) 2016 во Франција и им забранија да присуствуваат на СП. Станува збор за околу 1.800 лица со лошо и насилничко поведение.

Пред две години за време на ЕП, на стадионот во Марсеј имаше насилни судири и жестоки тепачки меѓу руските и англиските навивачи на кои им се придружија и француските хулигани, по што настана вистински хаос на градските улици.
Се очекува над 10.000 англиски навивачи да патуваат на СП во Русија.
Британците најавуваат дека ќе имаат и мобилна амбасада, која ќе се сели во градовите каде што Англија ќе ги игра своите натпревари на СП, во Волгоград, Нижни Новгород и Калининград во групната фаза, за да им помогне на навивачите доколку имаат некакви проблеми.
Загриженоста на Англичаните за безбедноста на нивните навивачи се должи на
неодамнешното протерување од Велика Британија на 23 руски дипломати по обвинувањата за наводното труење на Сергеј Скрипал и на неговата ќерка Јулија во март.

Британците ги предупредуваат и навивачите од т.н. ЛГБТ, геј-заедница да бидат претпазливи и покрај гаранциите од руската полиција дека ќе ги заштити.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија сите навивачи што имаа намера да патуваат во Русија, ги советува претходно добро да се информираат за условите и за престојот таму за да избегнат какви било неволји.
Руските хулигани „занаетот“ го научиле од англискиот хулиганизам од 70-тите и 80-тите години од 20 век. Но тие се нова и поинаква унапредена верзија, нагласува новинарот Андреј Малосолов, коосновач на Унијата на навивачи на Русија.
– Сега многумина во тие навивачки групи се луѓе што добро познаваат боксерски или други боречки вештини. Повеќето од руските хулигани водат многу здрав начин на живот и избегнуваат алкохол што некогаш беше дел од супкултурата – вели тој.
Тие, вели Малосолов, користат кореографски тактики и носат логоа за идентификација на нивната припадност, а снимките од тепачките ги објавуваат на Интернет. Голем број од поголемите руски „навивачки групи“ имаат и сопствени интернет-страници. 


Англиските хулигани им подготвуваат реванш на руските „колеги“

Aнглиските хулигани на „колегите“ од Русија им порачаа дека е време „за враќање на долговите“ за ЕП 2016-та. Заканите за можно насилство за време на финалниот турнир во Русија се интензивираа од двете страни последниве месеци, а се зачинети со видеа на кои се гледа како се подготвуваат бандите на насилниците.
– Дојде времето за наплата на долговите. Тие се банда насилници.
Ние сакаме да се тепаме на улица, еден на еден, тогаш ќе ги видиме колку се силни. На сите ни е преку глава од Русите по она што се случи на ЕП во Франција. Тие не знаат што ќе им се случи таму. Нам не ни требаат билети, не нѐ интересира фудбалот, имаме начин како да стигнеме таму – гласеше изјавата на еден анонимен „навивач“, кој е на „црната листа“, што ја пренесе весникот „Дејли стар“
Руските хулигани наводно тесно соработуваат со оние од Аргентина. Некои дури и патувале во Буенос Аирес каде што се сретнале со групата „Барас Бравас“ позната по насилството во обид што подобро да ја организираат армијата фудбалски хулигани.