Во музејот „Прадо“ во Мадрид завршува изложбата „Рубенс. Сликар на скици“.
Рубенсовите големи религиозни и историско-алегориски композиции денес се сметаат за највисок дострел на фламанското барокно сликарство, а по динамиката и драматиката наедно за еден од најавтентичните изрази на барокниот дух. Изложбата во Мадрид го прикажа уметникот како врвен цртач и фокусот го стави на голем број негови скици со маслени бои.
Рубенс (1577-1640) бил дипломат и барокен уметник, кој од 1610 до 1620 година ги создал своите ремек-дела, меѓу кои се „Симнување од крстот“ и „Подигнување на крстот“ што се наоѓаат во катедралата на Антверпен. Меѓу најпознатите дела на Рубенс е циклусот слики посветени на Марија Медичи, потоа „Градината на љубовта“, „Адам и Ева“, „Грабнувањето на ќерката на Левкип“, „Битката со Амазонките“, „Три грации“, „Судот на Парис“ и „Војводата од Лерме“.