Во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат забележано е дека некои слаби страни од претходните извештаи сега се надминати
Намален е бројот на изречени педагошки мерки за учениците, а тоа е резултат на советувањата на родителите, кои се дел од т.н. родителски школи, пишува во најновиот извештај на Државниот просветен инспекторат за работата на институцијата.
Родителските школи како новина беа воведени пред неколку години. Секој родител на проблематично дете има законска обврска да оди на советување во училиштето, во спротивно се соочува со парична казна.
– Од извршените интегрални евалуации и реализираните инспекциски надзори, констатирано е дека дел од слабите страни забележани во претходните извештаи се надминати, а во некои од нив направени се подготовки и почнат е процесот на подобрување.
Така, најголемиот број училишта успешно планираат и реализираат ученички екскурзии во согласност со правилникот изготвен од МОН, намален е бројот на изречени педагошки мерки како резултат на советувањето на родителите – пишува во извештајот.
Освен тоа, наведено е во документот, постои тренд на подобрување на просторните услови во воспитно-образовните установи и стручната служба сѐ повеќе се доекипира.
– Сепак, евидентен е недостиг од наставни средства и помагала, како поддршка на наставниците во основните и во средните училишта за успешна реализација на сите содржини од наставните предмети, компјутерската опрема е застарена, во најголем дел ИКТ-опремата е неисправна, оштетена, а слободните и проектните активности во поголем број училишта не се во функција на учениците за проширување на нивните знаења, умеења и вештини во интерес на струката, туку истите тие се во функција на наставниот кадар за дополнување до полн фонд часови.
Учениците со посебни образовни потреби, вклучувајќи ги и децата Роми што се вклучени во редовната настава, не добиваат доволно поддршка и помош пред и во процесот на настава, а во предучилишните воспитно-образовни установи не се врши мерење на квалитетот на воспитно-образовниот процес – пишува во извештајот за работата на ДПИ.
Таму стои и дека од извршените интегрални евалуации, може да се констатира дека квалитетот на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта бележи тренд на подобрување.
Државниот просветен инспекторат има изработено и посебен извештај за квалитетот на воспитно-образовниот процес и на крајот од извештајот изработени се насоки за подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес во училиштата во кој се дадени клучни наоди за состојбите во училиштата, како и насоки за институциите од локално и од државно ниво за нивна поголема вклученост во подобрувањето на квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Инаку родителот мора да оди на советување ако неговото дете има повеќе од три единици и ако има повеќе од 100 оправдани изостаноци. Годишно околу 30 илјади родители одат на овие родителски школи.