Австралиецот Даниел Рикиардо, возачот на Ред бул, забележа сензационална победа на трката Формула 1 (Ф1) за Големата награда (ГН) на Кина, во Шангај, шеста за него во кариерата. Рикиардо одлично ги извози последните дваесетина круга и успеа да мине дури пет болиди пред него, откако неговиот тим Ред бул реши да направи промена на гумите. Рикиардо важи за бескомпромисен возач, за што сведочи и фактот дека не заврши четири од последните шест трки.
Ланската сезона во Баку, тој беше единствениот што победил таа сезона, а не бил меѓу стартните петмина возачи. – Беше возбудливо, многу забавно. Сите мои победи беа во слични околности, како да не можам да победам во здодевни трки – изјави Рикиардо по трка. Втор во Шангај беше Финецот Валери Ботас од Мерцедес, а трет уште еден Финец, возачот на Ферари, Кими Раиконен. Актуелниот светски првак, Британецот Луис Хамилтон, од Мерцедес, беше четврти. Победникот на првите две годинешни трки, Германецот Себастијан Фетел, возачот на Ферари, беше дури осми. Во генералниот поредок, по три трки, води Фетел со 54 поени, втор е Луис Хамилтон со 45, а трет Ботас со 40 поени. Кај конструкторите, во водство е Мерцедес со 85 бода, само еден повеќе од Ферари. Трет е Ред бул со 55 бода. Следната, четврта трка, од вкупно 21, сезонава ќе се вози на 29 април во Баку, за ГН на Азербејџан.