Риболовецот мора да биде одговорен и чесен човек. Тој не смее да рибари ако нема дозвола за тоа, оти незаконското рибарење повлекува законски санкции

Да се биде риболовец не значи само да се стане рано, да се замине на риболов и да се фати сѐ што ќе се закачи на јадицата, па потоа што побрзо да се стигне дома и сиот улов веднаш да се зготви и изеде. Сепак, постојат одредени рибарски правила на однесување додека се рибари и треба да се почитуваат од вљубениците во риболовот.

Некои од нив се следниве: кога ќе се стигне до брегот каде што ќе се рибари, прво што треба да се стори е веднаш да исчистат отпадоците ако ги има на брегот, оти е многу поубаво да се рибари на чист брег. Истата слика на околината треба да се остави и кога ќе се замине дома. Понатаму, треба да се врати во вода уловената риба што е под дозволената мерка, но и таа што е полна со икра, бидејќи тогаш е подготвена да се мрести. Кога се оди во друга држава да се рибари, треба да се дознае колкава тежина е дозволена за улов според официјалниот закон за риболов во таа државата.

Не треба да се крева голема врева на и околу местото каде што се одвива рибарењето, бидејќи тоа им пречи на другите риболовци, а и рибите може да се оддалечат од тоа место. Ако риболовецот сака да биде во близина на друг риболовец, културно е да побара од колегата дозвола за престој.

Понатаму, внимателно треба да се ракува со приборот за риболов и притоа да не му пречи на другиот, особено при фрлањето на јадицата. Не е примерно рибарите да се расправаат меѓу себе за тоа кој кога дошол и кој дел го зазел до водата. Кога се минува покрај другите колеги-рибари, секогаш треба да се поздрават со зборот „бистро“, а никако со „среќен лов, мајстори“.

Не треба да се бранува водата со фрлање разни предмети или отпадоци, оти тоа не е културно, ја загадува околината, а и ги вознемирува присутните риболовци.

Мошне е значајно комплетниот риболовен прибор да биде подготвен многу порано пред да се замине за да не се губи непотребно време, а можно е во брзањето и да се заборави нешто. Не е пожелно додека се рибари, од колегите да се позајмува јадица, олово, мамки и разни дреболии, ниту, пак, некој насилно да се советува што да прави.

Риболовецот мора да биде одговорен и чесен човек. Тој не смее да рибари ако нема дозвола за тоа, оти незаконското рибарење повлекува законски санкции. Вистинскиот риболовец фаќа риби од задоволство, се фотографира со нив, а потоа ги враќа во водата.


Ловен туризам

Приходите од ловниот туризам се многу значајни, оти вклучуваат разновидна потрошувачка, како што се туристички услуги, такса, изнајмување опрема, оружје и слично

Ловниот туризам подразбира туристичко патување што се презема за лов на диви животни, било во слободна природа (дивина) или во простор што е посебно обликуван и наменет за лов. За праисторискиот човек ловот претставувал една од најстарите човечки активности уште во камената доба, но и начин на опстанок. Во античко време, ловот служел како средство за стекнување воени вештини, додека во средниот век, со помош на лакот и стрелата, ловот претставувал и подготовка за воени походи, но и еден вид забава. Во античко време се појавуваат и првите правила во врска со ловот. Денес ловот може да се третира и како спорт, забава, туристичка атракција, стопанска дејност.
Во 19 век голем број Англичани заминувалe во Африка и во Азија поради истражување разни животни (слонови, лавови, тигри), па дома носеле разни трофеи како доказ на сопствената авантура.
Ловниот туризам најчесто е врзан за подрачја што по правило немаат друга туристичка функција како можност за економска валоризација. Природната ограниченост, пак, на овој ресурс во една земја, го насочува ловџијата кон странски дестинации.
Приходите од ловниот туризам се многу значајни, оти вклучуваат разновидна потрошувачка, како што се туристички услуги, такса, изнајмување опрема, оружје и слично. Развојот на ловниот туризам овозможува зголемување на вработувањето во разни стопански и вонстопански дејности.
Престојот во ловниот туризам е релативно краток (3-4 дена), па е потребно оптимално ниво на организација за успешно давање услуги од сите субјекти на понудата.