Бихаќ и Велика Кладуша, кои се на крајниот северозападен дел на Босна и Херцеговина кон границата со Хрватска, стануваат главните прифатни центри за мигрантите. Сѐ повеќебројните „доселеници“ од источноазиските земји ги надминуваат можностите на локалните заедници, кои не добиваат никаква помош од централната власт во Сараево.
Наместо да понудат конкретна поддршка за згрижување на мигрантите, надлежните институции на БиХ бараат помош од градот Бихаќ за справување со овој проблем. Меѓутоа, организацијата на Црвениот крст, кој два месеца ги спроведува активностите за сместување и исхрана на мигрантите во т.н. прифатни центри, поради недостигот од средства и луѓе најавува повлекување во текот на оваа недела, објави Ал џезира.
Состојбата со мигрантите беше повод за нови политички надмудрувања меѓу ентитетите во БиХ. Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави прексиноќа дека БиХ е во „перманентна криза на системот на одлучување и надлежност“.
Во изјава за РТРС Додик укажа и на проблемот со мигрантите со кој се соочува земјата и истакна дека на територијата на Република Српска нема да биде стациониран ниту еден прифатен центар.
– Имаме суштински проблем, а тоа е што границата е одземена од ентитетите. Ентитетите немаат можност да управуваат со границата, а потоа од заедничкото ниво велат – ние сме надлежни. Ако сте надлежни, што ни ги сервирате тие проблеми, зошто не ја обезбедите границата, зошто не го запрете влезот на мигранти во БиХ – рече Додик.
Тој оцени дека и пораката на лидерот на Партијата за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ на собирот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Сараево е „јасен знак за добредојде за бегалците од Блискиот Исток“.