Натпреварот од 5-то коло на Лигата на нациите се игра в петок, во Вадуц (20.45 часот)
Најдобрите македонски фудбалери вчера во Фрајнбах, Швајцарија ги почнаа мини-подготовките за натпреварот против Лихтенштајн (стадион „Рајнпарк“ во Вадуц, петок, од 20.45 часот) во Лигата на нациите (ЛН), лига Д, група 4. На првата прозивка на селекторот Игор Ангеловски беа речиси сите фудбалери, без капитенот Горан Пандев, кој се очекува денеска да пристигне од Италија, како и Енис Барди, кој требаше да допатува синоќа од Шпанија, информираат од репрезентацијата.
За синоќа (18.30 часот) беше предвиден и првиот тренинг, а денеска за претпладневните часови планиран е нов тренинг. Македонската фудбалска експедиција за Лихтенштајн треба да замине в четврток. Елиф Елмас и Езџан Алиоски, е суспендиран и нема право на настап на мечот со Лихтенштајн.
По четирите кола во ЛН Македонија е прва во групата со девет бода (три победи и еден пораз), пред Ерменија и Гибралтар, кои имаат по шест бода. Со победа на претстојниот меч, Македонија речиси ќе го обезбеди првото место што води во повисок ранг, во лигата Ц во следниот циклус натпревари во 2022-та.
Првата позиција води и во плејофот (март 2020-та) заедно со првопласираните селекции од групите еден, два и три (во моментов водат Грузија, Луксембург и Косово) за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Македонија и Лихтенштајн досега меѓу себе играа осум пати, Македонија има седум победи, а еден меч заврши со реми. Вкупната гол-разлика е 31-5 за Македонија.
На гости кај Лихтенштајн, црвено-жолтите имаат три победи и едно реми, а пред точно 22 години во Вадуц беше забележана и највисоката победа во историјата на македонската фудбалска репрезентација, 11-1, во квалификациите за Светското првенство во 1998 година во Франција.