Дури 49 отсто од БДП изнесува јавниот долг во Македонија, по неговото значително зголемување во 2018 во однос на 2017 година, покажува најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. И покрај тоа што задолжувањето во земјава расте, додека во повеќето држави од опкружувањето се намалува, економистите од оваа меѓународна финансиска институција не се загрижени и велат дека тој е на умерено ниво, иако годинава тој ќе оди и на над 51 отсто од БДП.
Светска банка останува на проекциите за економскиот раст на државава, кој годинава ќе изнесува 2,9 отсто и очекува негово постепено зголемување до 3,2 отсто во следната година. Во пролетниот редовен економски извештај за Западен Балкан, што беше презентиран вчера, се оценува дека економскиот изглед на државата е позитивен и се препорачува по подобрените политички изгледи акцентот да се стави на економските реформи.
Раст од 2,9 отсто Светска банка прогнозира и за Црна Гора, додека за Албанија проценува раст на економијата од 3,8 отсто, за Босна и Херцеговина од 3,4 отсто, за Косово 4,4 отсто, за Србија 3,5 отсто.
– Главни предизвици за растот се ниската и сѐ помала продуктивност на локалните фирми, слабите државни институции, скромниот човечки капитал, неусогласеноста помеѓу вештините и промените во побарувачката на пазарот на трудот и пречките од јавните политики во однос на конкурентноста и инвестициите – се вели во извештајот.
Стабилен извор на раст се очекува и понатаму да биде потрошувачката исто како и извозот од странските директни инвестиции.
Решавањето на прашањето за името се очекува да ги забрза преговорите за пристапување во ЕУ, со што ќе се зајакне довербата на инвеститорите и ќе се стимулира растот во наредните неколку години. Големите инфраструктурни проекти, особено патиштата, како и прекинот на мораториумот на локалните власти за издавање градежни дозволи, според СБ, дополнително ќе ги поттикне инвестициите.
– По стагнацијата во 2017 година, растот минатата година достигна 2,7 отсто, главно поради потрошувачката и нето-извозот, а се забележува и закрепнување на нето-инвестициите. Невработеноста продолжи да се намалува и достигна историски најниско ниво, но продолжи притисокот врз платите движен од недостигот од работна сила во некои сектори. Фискалниот дефицит во 2018 година се намали, но јавниот долг продолжи да расте. Со подобрувањето на политичката перспектива земјата треба да стави повеќе акцент на економските реформи за да може да се забрзаат процесите на конверзија со ЕУ – нагласи Бојан Шимбов, економист од канцеларијата на СБ во државава.
Владиното фискално сценарио за зголемување на односот помеѓу јавниот долг и БДП на 54,4 отсто во следната година, според Светска банка, бара силни структурни реформи за стабилизирање на долгот.
– Во делот на одржување на растот постои потреба не само да се одржи макрофискалната одржливост, што значи дека треба да се спроведат политики што ќе спречат натамошно зголемување на долгот. Македонија сега е на ниво на 49 отсто од БДП, за што може да се каже дека е умерено ниво на долг, меѓутоа има многу економии во Европа, кои имаат помал долг, што можат побрзо да растат, така што треба да се направи рамнотежа помеѓу одржливите финансии и во исто време да се најдат политики што ќе го поттикнат растот – појасни Сања Маџаровиќ-Шујстер, виша економистка за СБ во регионот.
Се очекува, како што додаде таа, зголемување на јавниот долг поради забрзување на изградбата на автопатиштата, но по нивното завршување тој ќе се намали.
– Пристапот до финансии претставува потреба. Македонија е една од државите од регионот што го стабилизира својот финансиски сектор по глобалната криза, можеме да видиме постојано намалување на нефункционалните кредити, адекватноста на капиталот на банкарскиот сектор е доста силна, но системот и натаму во голема мера е банкоцентричен и дел од бизнис-секторот не добива соодветни услуги од банкарскиот сектор. Тоа се најчесто малите и средните претпријатија што ги споменуваат како проблем пристапот до финансии и големите трошоци за добивање кредит – вели Маџаровиќ-Шујстер.