Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска во 11 часот ја закажа седницата за доверба на Владата, побарана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради што за утре се одложени продолженијата на три седници на чиј дневен ред се реформските закони.
Поместувањата во собраниската агенда настанаа откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена до Собранието го достави барањето за гласање доверба на Владата поради, како што беше наведено, голем број факти и аргументи против нејзиното владеење во изминативе десет месеци. Координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, вчера откако за и официјално за денеска беше закажана седницата за доверба на Владата изрази очекување дека интерпелацијата ќе успее. Тој апелираше до сите пратеници при гласањето пред себе да го стават интересот на сите граѓани на Република Македонија, а не партиските и личните интереси.
– Ако тие интереси ги водат, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас – рече Данев. Според претходно најавеното, пак, се очекува пратениците од опозициската партија, по седницата за интерпелација на Владата, да учествуваат и на најавените продолженијата на седниците на чиј дневен ред се веќе усогласените реформски закони што треба да бидат донесени до крајот на неделата, пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на 17 април. Станува збор за измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци, дополнувањето на законите за судовите, за јавното обвинителство, за кривична постапка и за следење на комуникациите.