Според играта, борбеноста и талентот што ги прикажаа на СП за кадети во Скопје, многумина од младите ракометари влегоа во тефтерите на тренерите и менаџерите, кои, пак, со големо внимание од трибините ги следеа мечевите
Изминатите две седмици, Скопје беше домаќин на најмладите светски генерации ракометни репрезентативци, кои беа дел од 8-то Светско првенство (СП) за ракометари до 19 години. На терените во СП „Борис Трајковски“ и на „Јане Сандански“, имаше можност да се видат голем број млади ракометни таленти, кои по моделот на своите претходници од кадетските шампионати, најавија нов ракометен ѕвезден бран, кој во следните две-три години на површина ќе исфрли нови големи имиња.
Светската ракометна федерација (ИХФ) во пресрет на почетокот на Мундијалот во Скопје издвои селекции – фаворити за медал и по двајца-тројца клучни играчи во секоја од репрезентациите. Некои од нив ја оправдаа номинацијата, некои не, а имаше и такви што од сенка испливаа на површина, како Португалија и Египет.
Франција, Шпанија, Данска, Хрватска и Германија, кои според ИХФ имаа капацитет да стигнат до златниот медал. Од нив Германија беше најблиску, Франција и Шпанија беа запрени во четврт-финалето, а Хрватска уште во осминафиналната фаза. Позитивно изненадување на СП беше борбената Португалија, која со вајлд-карта обезбеди место на СП по откажувањето на Нов Зеланд и на Океанија. Изненадување беше и пласманот на Египет во завршницата на шампионатот, оти за разлика од јуниорите, кои на последните шест светски првенства, четири пати играле во полуфиналните завршници, во кадетска конкуренција ова им беше прва трка за медал и која ја завршија на прво место.
Според играта, борбеноста и талентот што ги прикажаа на терените во Скопје, многу од ракометарите влегоа во тефтерите на тренерите и менаџерите, кои, пак, со големо внимание од трибините ги следеа мечевите на шампионатот.
Не е тајна дека исландскиот лев бек Харкур Трастарсон во своите редови сакаат да го донесат бундеслигашите Кил и Флензбург. Момчето што со својата спортска дрскост и талент остави силен впечаток на сениорското СП во Германија и во Данска, беше ударна игла во составот на Исланд, репрезентација што во четврт-финалето беше запрена од Египет и СП го заврши на осмата позиција. Според играчкиот потенцијал што го демонстрираа на јуниорското и на кадетското СП, на Португалија очигледно ѝ претстои блескава ракометна иднина. Мартим Коста, Андре Соуса и Салвадор Салвадор се имињата што ја издигнаа Португалија до малото финале. Иако со својата висина од 188 см не спаѓаат меѓу високите бекови, тие со широкиот спектар на шутеви, добра финта, прегледност на играта, како и чувството за простор и време, си создаваа предност при пробивот низ противничките одбрана.
Со слични физички и играчки карактеристики е и централниот бек на Порто, Соуса, додека, пак, левиот бек од редовите на Спортинг, Салвадор е бекот-шутер во португалскиот состав.
Меѓу имињата што очекуваме да станат звучни во иднина е и германскиот централен бек Јулијан Костнер, кој со своите 202 см има перфектна подвижност, прегледност, пробивност и брзина, а дополнителна позитивна карактеристика му е одличната игра во одбрана.
Данската ракометна школа и овој пат понуди квалитетен играчки потенцијал, кој претставува сигурна иднина за скандинавскиот ракомет. Можеби ќе стигнеа и до медал доколку на половина пат не останеа без капитенот Симон Питлик и без левиот бек Магнус Хуебро, а подоцна и без Себастијан Скот, кои поради повреди прерано го завршија настапот на првенството. Одличен шутерски потенцијал и борбен карактер во одбраната демонстрираа двата дански бека Мадс Хоксер и Лауриц Реинхолд, а како надежна замена за одличниот дански чувар на мрежата Никлас Ландин, се истакна Свенд Бро Ругхаве, кој покажа одличен голмански потенцијал.
Меѓу имињата на кои им се предвидува блескава ракометна иднина се и капитенот на македонскиот состав Мартин Серафимов, кој СП го заврши како втор најдобар стрелец и најдобар асистент. Потоа десното крило Ненад Костески, чии ракометни квалитети уште пред шампионатот ги препозна хрватскиот првак Загреб и голманот на Вардар Марко Кизиќ, кој во секој од мечевите на СП беше најсветлата точка во македонскиот состав.
Со својата игра и брзина печат на СП оставија и десните крила на Хрватска Фран Милета и Марин Синчиќ, потоа Швеѓанецот Исак Персон и Унгарците Бенче Хорњак и Даниел Кешкес. Место меѓу надежните ѕвезди во најава заслужија централен бек на Шпанија Андер Лабајен, Французите Нтадзи Садоу и Древил Пашал, како и двата бека на Египет, Ахмет Хесхам и Хасан Валид како и голманот Мохамед Абделрахман.