Опозициските партии на Косово вчера побараа одржување вонредна седница на Собранието на која на косовскиот претседател Хашим Тачи ќе му биде забрането, во дијалогот со Белград, да разговара за поделба или за корекција на границата со Србија
Договорот за разграничување меѓу Србија и Косово би значело поставување нови граници на Балканот, што може да предизвика верижна реакција и кај Албанците во Македонија и кај Србите и кај Хрватите во Босна, се реакциите на светските медиуми по најновите сигнали од САД и од Русија дека би поддржале ваква опција доколку се постигне согласност меѓу Белград и Приштина.
Нема ни дваесет години откако во војната стоеја на спротивставени страни. Хашим Тачи како политички лидер на ОВК и Александар Вучиќ како министер за информации на српскиот шеф на државата, Слободан Милошевиќ. Денес претседателите на двете земји можеби се пред историски договор, кој меѓу другото би можел да вклучува и поместување на границите, пишува швајцарскиот портал Вотсон.
Авторот на оваа анализа го поставува прашањето дали напорите на Србија и на Косово за промена на границите вистински имаат шанса на успех? Посебно по изјавата на надлежниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, со која во текот на викендот навести дека позициите во Брисел можеби не се толку тврди како што неодамна ги претстави Меркел. Хан, навистина, изрази длабока задршка поради можниот домино-ефект, но принципиелно не исклучи поместување на границите.
Според „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, целата дебата за промена на границите „би можела да биде сфатена како летен театар, да не се вмешаше Џон Болтон“. Весникот потсетува на изјавата на новиот советник на Трамп за национална безбедност – „не се исклучуваат територијални приспособувања“ доколку двете страни се договорат за нив.
– Како и во многу други области, и овде со Трамп работите се менуваат. Она што две децении или подолго важеше за американска политика, денес веќе не мора да важи – пишува новинарот Михаел Мартенс.
Во текстот во весникот се истакнуваат ставовите на експерти за Балканот, кои плановите за „размена на територии“ или „корекции на границите“ ги сметаат за пиромански проект со можност за неконтролирана верижна реакција. Размената на територии би можело да ги поттикне и „плановите“ на Албанците во Македонија, како и Србите и Хрватите во Босна крајно би можеле да бараат вакви ’корекции’ – и за час балканскиот лифт би тргнал назад во 1990-тите, предупредуваат аналитичарите.
САД наивно веруваат дека со промена на границите на Србија и на Косово, конечно ќе се реши овој проблем, оцени во интервју за Радио Слободна Европа Едвард Џозеф, професор на универзитетот „Џонс Хопкинс“, а кој бил во повеќе меѓународни мисии на Балканот.
Тој вели дека со изјавите, како оние на Џон Болтон, советник на американскиот претседател Доналд Трамп, останува на Белград и на Приштина да се договорат, всушност се охрабрува и опцијата за промена на границите.
Џозеф оценува дека идејата за размена на територии како решение ќе добие замав.
– Друго прашање е дали Белград и Приштина ќе можат конкретно да се договорат кои територии би биле дел од тој договор. Исто така, се поставува многу сериозно прашање, а тоа е дали ќе можат да се превенираат негативните ефекти од таквото решение по БиХ, Македонија и Србите јужно од Ибар. Сметам дека ќе биде потребен дополнителен ангажман од меѓународната заедница, вклучувајќи го Вашингтон, за да се спречат такви последици – оцени Џозеф.
Истакнувајќи дека претседателите на Србија и на Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи наводно одржале повеќе приватни средби, Џозеф потсетува дека опозицијата во двете земји се противи на идејата за размена на територии. Тој се осврнува и на терминот што се користи – територијални корекции.
Опозициските партии на Косово вчера побараа одржување вонредна седница на Собранието на која би требало да биде донесена резолуција со која на косовскиот претседател Хашим Тачи, ќе му биде забрането во дијалогот со Белград да разговара за поделба или за корекција на границата со Србија. Ова го изјави шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово Авдулах Хоти. Се бара таа седница да биде одржана на 4 септември, три дена пред средбата на претседателите на Косово и на Србија Хашим Тачи и Александар Вучиќ во Брисел.
Партиите на Харадинај и на Лимај против „корекцијата на границата“
Два политички субјекта од владејачката коалиција ќе ѝ помогнат на коалицијата за да обезбеди кворум за вонредната седница на косовското собрание, на која се настојува да се изгласа резолуција, со која ќе му се забрани на претседателот на државата Хашим Тачи да преговара со Србија за територијалната целовитост на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Учеството на седницата свикана за 4 септември, три дена пред продолжувањето на разговорите во Брисел на Тачи со претседателот на Србија Александар Вучиќ, го потврдија Алијансата за иднината на Косово (ААК) на актуелниот премиер Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај.
Претседателот на Собранието Кадри Весели, кој е и лидер на главниот политички субјект на власт, Демократската партија на Косово (ПДК), иницијативата на опозицијата ја оквалификува како „апсурдно и сосема непотребно дејство“, нагласувајќи дека институциите „нема да бидат дел од темните сценарија, лажни каузи и сеанси, кои поттикнуваат тензии и паника“, пишува денеска „Коха диторе“. Меѓутоа, напоменува весникот, зборовите на Весели „не допреа до партнерите од власта“.
Пратеникот на ААК Мухарем Нитај го потврди учеството на пратениците на неговата партија на седницата на која се настојува да се запре иницијативата на Тачи за корекција на границата со Србија, а истото тоа го најави и извор од Нисма.